Груби-Павлова: Датумот за почетокот на преговори е следниот предизвик

од desk2

Бугарија ќе вложи напори за повеќе инфраструктурни, енергетски и други проекти за приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ на претстојниот Самит на шефови на држави во Софија на 17 мај, истакнала бугарската министерка за регионален развој Лилиана Павлова на средбата со претседателот на собраниска Комисија за европски прашања Артан Груби во Софија.


Како што соопштија од собраниската Комисија, Груби изразил благодарност за смелоста, што за време на првото претседателство на Бугарија со Советот на ЕУ беше ставена како приоритет една толку важна и чуствителна тема, како и да се убеди Брисел и сите земји-членки на Унијата дека проширувањето на Унијата со земјите од Југо-источна Европа мора да продолжи како проект. Според него, мирот, спокојството, стабилноста и иднината на Европа минуваат низ Западниот Балкан, европскиот проект нема да биде завршен без нив.

– Датумот за почеток на преговорите е нашиот следен предизвик, изјави Груби, при што истакна дека Република Македонија во периодот што следи ќе продолжи со реформите и со зајакнувањето на напорите за решавање на сите отворени прашања се до крајната наша цел, интегрирани во ЕУ и НАТО.

Павлова, пак, истакна дека Бугарија ќе вложи напори за повеќе инфраструктурни, енергетски и други проекти за приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ што на Самитот на шефови на држави во Софија на 17 мај ќе резултира со официјална Декларација надополнета и со Анекс, кој ќе содржи иницијативи за конкретни проекти.

Според Павлова, поблиската соработка со земјите од Западен Балкан, вклучително во безбедноста и миграцијата, е клучна за мирот и стабилноста во ЕУ.
– Ќе ве поддржиме со инвестициски проекти, така што ќе се чувствувате како дел од европското семејство. Ова е европската перспектива за која зборуваме, порача Павлова.

Слични содржини