Груевски: Гласот даден за малите коалиции е глас за Заев и СДСМ

од Vladimir Zorba

Ова се избори на кои граѓаните имаат две алтернативи – СДСМ и коалицијата со нивните деструктивни политики, договарање со разноразни криминално-разузнавачки структури, пазарење со државните и националните интереси и давање нереални ветувања на граѓаните. Имате и втора алтернатива, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ – со се она што правевме и што ќе го правиме, им порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на жителите на струмичко Вељуса.

Посочи дека со добро обмислена и реална програма излегува во пресрет на најприоритетните барања на граѓаните и дека ВМРО ДПМНЕ е партија која секогаш исполнувала и повеќе од ветеното. За малите партии и малите коалиции рече дека се наменски направени од Зоран Заев, како што рече, „истиот сценарист што ни го прави ова во изминатите две и пол години“.

– Нивната цел е да одземат гласови од ВМРО-ДПМНЕ, да го ослабнат и со тоа да ја зајакнат позицијата на СДСМ. Секој што гласа за помалите партии и коалиции треба да знае дека не само што нема да имаат пратеник и потоа ќе ги снема, треба да знае дека гласа за Зоран Заев и за СДСМ кои овие две и пол години ги прават сите манипулации и хаос,  зацртале цели да се витка кичмата, да се воведува двојазичност на цела територија, да се менува Уставот, да се прават кантони. Не ни требаат такви работи. Затоа на овие избори и Заев, и неговите сценаристи, и оние помалите коалиции треба да претрпат историски најголем пораз и да види сценаристот дека во оваа држава има мудар народ, рече Груевски.

Додаде дека Заев си го потценил народот, но дека  народот знае се, го дигнал гласот, а тој глас, рече Груевски, ќе се чуе во недела со масовна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ и казнување на СДСМ и помалите коалиции.

Слични содржини