Груевски: Јас имам најголема одговорност за локалните избори и не бегам од тоа

од desk4

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вечерва во магазинот  „Седмица” на ТВ Алфа рече дека партијата на локалните избори влегла како фаворит, но имало уцени, притисоци и други фактори.

„ВМРО на локалните избори влез како фаворит. А што се случи потоа? Се случија уцени, закани и поткуп на гласачите. Имавме убиен човек- кандидат, повредени лица, искршени изборни штабови… Имавме свои политики и ВМРО-ДПМНЕ изврши отстапување од сопствениот идентитет кој го градевме со години. Отстапувањето некои го почуствуваа во првиот дел и многу од нив не излегоа да гласаат. На овие избори се обидувавме да им се допаднеме на некои други, а тоа не им се допадна на нашите традиционални гласачи и затоа тие одлучија да не казнат и да ни испратат порака”, изјави претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во магазинот „Седмица” на ТВ Алфа.

Груевски додаде дека треба како партија да го зачуваат својот идентитет, а исто така треба да се зачува и идентитетот на Република Македонија.

„Мораме да извлечеме заклучок и да направиме длабинска анализа. Ова е само првична анализа. За цела ситуација и резултатите на локалните избори најголемата одговорност ја имам јас и не бегам од тоа. На овие избори имаше еден видлив поткуп. Активисти на СДСМ одеа од куќа на куќа со полициско возило. Се случувало во минатите години поткуп главно во руралните средини, но ова сега беше во невидени размери“, изјави Груевски и додаде:

„СДСМ на овие избори вложила околу 20 милиони евра во поткуп, тие тоа го правеа со помош на полицијата. Поставивме стража во местата каде што очекувавме дека ќе има поткуп. Вршеа поткуп со сума од 50 евра, а на некои места тоа достигнуваше и до 1.000 евра. За ова немаме документирано се, оти, се не може да се документира, но ги имаме изјавите. Не може се да се документира, оти имаше лица кои се исплашени за својот живот, за своето семејство“.

Груевски обвини дека имало ситуација во која на дел од лица кои учествувале во нападите од 27 април им било кажувано да излезат да гласаат, па можеби и нема да бидат кривично гонети.

„На овие избори му требаше на некому СДСМ да излезе како победник иако сите знаеја дека ВМРО-ДПМНЕ е фаворит. Изборите се веќе нелегитимни и ова се најнедемократските избори до сега. Во многу од нив сум учестувал ама ова беа Африкански избори. Над 100 луѓе беа прислушкувани во изминатиот период. Сега ВМРО-ДПМНЕ е таргет на прислушување. Во УБК отвеорен е предмет под име „Досие“. Ова не е никаде пријавено оти немаме каде да го пријавиме“, изјави Груевски.

Тој рече дека во ниту една држава нема пресуда од 4 години затвор за кубење за коса.

„Ние сме за тоа да има правда, но таа казна од четири години е превисока. Зошто ако СДСМ планира да носи Закон за амнестија, да се осудуваат оние кои влегоа на 27 април во Собрание. Убијци на пет деца да се ослободат, а оние кои влегоа понесени од емоции во Собрание да ја заштитат држивата, да бидат осудени. Нека ме уапсат мене и нека ми дадат доживотен затвор, но нека не гонат луѓе кои со емоции влегле во Собрание. Сочувствувам со раната која Заев ја имаше на челото, но зошто таа рана да е поголема од раната на оние кои изгубија блиски од семејството. Ослободуваат лица кои убиле деца, ги ослободуваат обвинетите од Монструм и над 1050 криминалци. Без оглед дали Груевски ќе биде лидер на ВМРО-ДПМН, Заев да го скрши духот на народот“, изјави Груевски.

Слични содржини