Груевски: Кругот на одмазда нема да запре, орото се врти

од desk2

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најавува кревање на народот поради „претстојното редефинирање на земјата“, како и нови епизоди на меѓусебна конфликтност, реваншизми, одмазди и враќања, во интервју за порталот „Република“, објавено денеска.

– Планот им е преку заплашувања, притисоци, апсења и поткупи да го решат тоа. Се чини имаат одврзани раце од надворешните фактори да прават што сакаат, ако е со цел да попуштат за името. Народот го чувствува тоа. Ова е висока политика и геополитика, а не терање правда. Планот им е луѓе да гнијат по притвори и затвори, да не излезат од судници, да одговараат за конструирани работи, судиите да судат без докази како што ќе им се каже, медиумите да го оправдуваат сето тоа. Ќе се уништуваат и оцрнуваат личности, семејства, луѓе, партии и сè што е на патот на оваа марионетска власт. Само за да се оствари големата геостратешка цел, која, за да биде иронијата поголема, не е спорна за нас во ВМРО-ДПМНЕ, и напротив е најмалку исто, а и повеќе посакувана отколку во СДСМ, тука мислам на членството во НАТО, само што разликата е во тоа што ние сакаме пофер договор по однос на суштината на спорот со нашиот јужен сосед – вели Груевски.

Тој ги предупредува СДСМ и нивните поддржувачи од секаков профил, дека „орото се врти“ и сè е менливо и минливо.

– И меѓу нас некои мислеа дека цел живот ВМРО ќе биде на власт и се залажуваа не мислејќи на утрешнината, дека еден ден работите ќе се свртат во обратна насока против нив самите, но и оние кои ќе учествуваат и ќе ја помагаат нивната валкана игра. За жал, колку и да заплашуваат и замолчуваат, апсат или поткупуваат, конфликтноста во македонското општество ќе расте, колку и времено некој сето тоа да го поттисне и умртви преку втерување страв. Кругот на одмазди нема да запре, напротив. Во налетот при претстојното редефинирање на земјата да се уништи политичкиот противник или неистомисленик, и при сите непромислени чекори кои веќе ги имаме, се создава нова ситуација за нови епизоди на меѓусебна конфликтност, реваншизми, одмазди и враќања – вели Груевски.

Тој смета дека само народот е тој кој може да ги смени нештата.

– Стратегијата беше нас да нè прикажат како нечесни, да ни измислат афери и да нè прогонуваат за да се реализира зацртаната цел. Во основа ако погледнете низ светот, тоа е практика на многу места кога се има некоја геостратешка цел, и кога на патот некој ќе застане од една или друга причина. Ако некој е способен и работи за својата земја, или ќе му смислат дека со нешто не ги почитувал законите и со тоа сторил криминал, или ќе му смислат сексуална афера, или нешто слично. И треба да е среќен, што е жив. И ако немаат докази ќе се обидат да измислат, како на пример правење на незаконските снимки да се докази. Ако и тоа не е доволно ти вадат нови закони за заштитни сведоци и што ли уште не, само за на сила да те обвинат со измислени докази – вели Груевски во интервју за „Република“.

Слични содржини