Груевски: Кругот на одмазди нема да запре

од desk4

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ја нарекува марионетска власт Владата на Зоран Заев, донесена од меѓународната заедница, а не, како што вели избрана на легитимни избори од народот. Во првото интервју по локалните избори, дадено за веб порталот „Република“, Груевски вели дека Владата на Заев е донесена со цел да попушти во преговорите со Грција за спорот со името и да направи целосно редефинирање на земјата.

„Се чини имаат одврзани раце од надворешните фактори да прават што сакаат, ако е со цел да попуштат за името. Народот го чувствува тоа.  Планот им е луѓе да гнијат по притвори и затвори, да не излезат од судници, да одговараат за конструирани работи, судиите да судат без докази како што ќе им се каже, медиумите да го оправдуваат сето тоа. Ќе се уништуваат и оцрнуваат личности, семејства, луѓе, партии и се што е на патот на оваа марионетска власт. Само за да се оствари големата геостратешка цел, која, за да биде иронијата поголема, не е спорна за нас во ВМРО-ДПМНЕ, и напротив е најмалку исто, а и повеќе посакувана отколку во СДСМ, тука мислам на членството во НАТО, само што разликата е во тоа што ние сакаме пофер договор по однос на суштината на спорот со нашиот јужен сосед“, вели Груевски.

Тој се заканува дека на обидите за реваншизам ќе следува соодветна одмазда.

„За жал колку и да заплашуваат и замолчуваат, апсат или поткупуваат, конфликтноста во македонското општество ќе расте, колку и времено некој сето тоа да го поттисни и умртви преку втерување страв. Кругот на одмазди нема да запре, напротив. Во налетот при престојното редефинирање на земјата да се уништи политичкиот противник или неистомисленик, и при сите непромислени чекори кои веќе ги имаме, се создава нова ситуација за нови епизоди на меѓусебна конфликтност, реваншизми, одмазди и враќања“, порачува Груевски.

Единствен кој може да го спречи ова, според него е народот. Но на последните локални избори, вели, значајна бројка на луѓе биле исплашени, изманипулирани, притиснати, уценети, заплашени, а некои и поткупени. Против ВМРО-ДПМНЕ смета дека се спроведува негативната пропаганда.

„Стратегијата беше нас да не прикажат како нечесни, да ни измислат афери, и да не прогонуваат, за да се реализира зацртаната цел. Во основа ако погледнете низ светот, тоа е практика на многу места кога се има некоја геостратешка цел, и кога на патот некој ќе застане од една или друга причина. Ако некој е способен и работи за својата земја, или ќе му смислат дека со нешто не ги почитувал законите и со тоа сторил криминал, или ќе му смислат сексуална афера, или нешто слично. И треба да е среќен, што е жив“, додава екс премиерот.

И ако немаат докази, вели, ќе се обидат да измислат. Според него таков е примерот со бомбите, или како што вели „правење на незаконските снимки да се докази.“

„Ако и тоа не е доволно ти вадат нови закони за заштитни сведоци и што ли уште не, само за на сила да те обвинат со измислени докази“, завршува Груевски во првиот дел од интервјуто за „Република“.

 

Слични содржини