Три и пол месеци сме под жесток напад за кој молчевме и чекаме да помине. Тоа што се случува е диктатура на политичкото малцинство и наметната психолошка состојба. Исправени сме пред искушение да се судриме меѓу себе. Но доста беше. Македонија е време да говори и вечерва сум должен да ја кажам вистината, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерва на народниот собир пред Собранието на РМ насловен „Македонија силна“.

gruevski-53-660x400

– Но Македонија не е Никола Груевски или Зоран Заев. Ова е Македонија. Овој народ, вие, е најдобриот одговор на сите оние сценаристи кои цврсто веруваат дека ќе не искршат, дека ќе ни ги исперат мозоците, дека ќе не прелажат со креирани, сечени и лепени снимки, со лажни наративи, дека ќе не исплашат со терористички банди, дека ќе потклекнеме, дека ќе се предадеме. Но, вечерва го добиваат одговорот. Македонија не се предава. Македонија е силна, рече Груевски.

За својот опонент Заев рече наивно поверувал и говорел дека за три дена ќе заминале со наведнати глави. – Еве не денес, три и пол месеци подоцна, тројно или четирипати побројно од тие вчера. Сплотени како никогаш досега, цврсти како челик, одлучни и решителни до бескрај. Им порачуваме нема повлекување. Нема подлегнување, нема предавање. Македонија е одлучна. Македонија пак победува. Ние победуваме, рече Груевски.

Со својот говор рече сака да им оддаде горомогласна почит на загинатите и повредените полицајци во Куманово и истакна дека нивното херојство е пример за тоа како се сака Македонија.

Собирот почна со обраќање на историчката Виолета Ачковска, која во име на Граѓанско движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) побара единство за да се заштити македонската држава од разнебитување. Се активира украинска драма, рече таа.

– Опозицијата приредува еден од чиновите на украинската драма, се поставуваат шатори, а веројатно ќе следува македонски Кличко кој ќе биде пион… Бараме да биде почитувана волјата на граѓаните на РМ која флагрантно се крши од деструктивната опозиција и со насилство се гази демократијата, рече Ачковска.

Градоначалникот на Општина Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски рече дека Зоран Заев ја нарушил приватноста и слободата и ја поседувал, како што рече, интимата на над 20.000 граѓани. – Не сакаме да одработуваме странски агенди преку апокалиптични сценарија зашто сме уверени дека на Македонија никој не и посакува повеќе добро отколку самите ние, рече Јакимовски и додаде дека само Парламентот е место за различни мислења.

Синдикалецот Дојчин Цветановски рече нивните „бомби“ досега не ја постигнаа целта затоа што тоа е невозможно да го направат. – Секоја нова бомба им е се повеќе бумеранг. Тие и нанесуваат болка на сопствената татковина, рече Цветановски./ МИА

Слични содржини