Во меѓувреме тврдо газат и пропагандистичките телевизии и онлајн медиуми. Нема информација за двете страни –само еднострано. Слушај ,читај или менувај канал и барај ја својата вистина. Предавници и разнебитување на државата се најексплоатираните зборови и секој го препознава другиот!

Grujo vika smetka

Политичката криза гази. Македонија станува тема на Москва, Вашингтон,  Брисел или Стразбур,  фокусот сѐ посилен и поостар врз бившата (ФИРОМ). Внатре пак, поројни дождови  кои никако не ги ладат вжештените глави на водството, ниту ги  бркаат „камперите“ пред Владата и пред Парламенот.

Груевски, десет годишниот лидер на државата,  според сѐ, како што стојат работите од бомбите до митинзите,  дефинитивно паѓа, исто како и неговата влада.  Не е спорно дека Груевски треба мора да падне, останува само непознатата како ?!  И за размислување  е  во делот на “како“, дали ако навистина се точни наводите  во бомбите за: криминали, местени тендери, провизии,  дека се извлекувани толку многу милиони евра од македонската држава, прославена милијарда во Дубаи…, како тоа сега паѓа Груевски?  И не мислам воопшто на дебелото конто и дека нема ништо да му  фали кога ќе падне. Не е тоа, туку тој што има власт секогаш ќе му фали власт, тој што има  режим ќе му недостасува режим. А, нели со многу пари, се купува сѐ! И ако има држава на продажба –и  таа. Со пари се прави и војска и народ и медиуми за да ја кажат  таа вистина , и извршители и сѐ!

Нашата веројатно не е на продажба ама купувачи има и дефинитивно е на барабан.  Ја пукаат и овие регионалниве глодари и најголемите играчи: Москва, Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз. Стариот муабет сѐ повеќе е на маса, особено кога понудата за делење на маса ја става Русија.

Тоа е таа, силната Русија која е под санкции на Европа и САД, и влегува да дели совети за малата Македонија. Тоа не носи особено голем ќар за големите, но има вистинска логика и кураж за  тие кои преку оружје можеби ќе сакаат повторно да бидат нешто, како Али Ахмети, да пробаат да влезат со оружје, па да дојдат на власт, а потоа и да делат тендери и да владеат.

Несебично тука вложуваат  Русија, Србија,  многу помагаат и играат на картата да ја разгорат целата кумановска приказна и да направат малку поширок простор на Диво насеље, од она што е засега ограничен инцидент во периферна населба. Големите ги јадат малите,  тоа е само фолклор во големите игри, а народите стануваат заложници и колатерална штета на времето и амбициите на моменталното лидерство. На граѓаните не им се верува ама политиките се спроведуваат само преку газење врз луѓе, убивања , инцидентни, мали  и големи војнички.

Доаѓаме…

Сега на испит е токму новата искрена заедничка приказна која конечно почна да се гради. Сите граѓани против секоја власт која сака да ги експлоатира, узурпира,  да им ги диктира секаде загаранираните и дефинираните човекови права.

Колку и да ги пребројува колку беа- тоа не е тема тоа е само дефокусирање од суштинското на протестот на 17 . Тука конечно Македонија застанува како што треба, на една страна власта и владеењето на властодржците на Груевски, на друга страна сите незадоволни од сите вери и националности. Или со еден збор граѓаните. Тоа е големината на бројката што треба да се брои, не каде беа повеќе.

Иако постојано се лицитира дека нема ништо во преговорите, сепак и кога се договараш за да се договараш, на маса се става кој е пазарот, кој колку добива и колку тоа чини, кој плаќа. Во овој пазар е јасно само кој плаќа, ние граѓаните, а кој добива, тука останува непозната..

Јасно е дека сигурна добивка имаат еден куп просечни и случајни европратеници,  еврофункционери кои се платени да лобираат за тој што плаќа и, така случајно, даваат изјава. Нејасна е и последната изјава на известувачот за Македонија, дека судирот во Куманово бил исламистички џихадистички!? Не е битно колку наплатил човекот, но таков Вајгл, известувач за Македонија не може да биде. Брисел треба да го тргне од таа позиција, а тој потоа, како и многу други, нека си дава платени изјави што е добро, а што не за Европа.

Не верувам дека Груевски  сега се пазари за да си ја спаси кожичката. Многу ми личи  тоа наивно  за вознесените поддржувачи на опозицијата. Сигурно е само дека како добар „платиша“ купува време. Сигурно е дека веќе се разработува и планот Б, и дека покрај тој план, работат на планови и некои други, кои веројатно подоцна ќе излезат на виделина. Кога ќе се бројат оставките, добивките, мандатите и загубите.

Груевски паѓа ама има уште многу до готов е!

Во меѓувреме тврдо газат и пропагандистичките телевизии и онлајн медиуми. Нема информација за двете страни –само еднострано. Слушај ,читај или менувај канал и барај ја својата вистина. Предавници и разнебитување на државата се најексплоатираните зборови и секој го препознава другиот! Киднапираната јавност преку телевизиските мегафони го корне  секој никулец на здружување, граѓанство, соживот… на отпор против владеачките структури. Време-невреме  и момент на вистината кога никој не се срами дека е криминалец, насилник , неетичен, власт!

Ќе требаат многу  години потоа за ТВ дебати и напишани страници, за да допре до народот дека поимот за власт не е тоа што е во Македонија. Од „Не ме гледај што правам, слушај ме што ти зборувам“  не можат да живеат сите, туку само врхушката околу власта. Граѓанинот кој тоа го плаќа со данокот и своите пари, нема да  преживее, и затоа мора сè да се менува.

Да си власт во македонски контекст значи да ја приватизираш државата, да крадеш од неа, да профитираш лично и да го поставиш политичкиот систем така што нема да те казнат за тоа. Одбраната за криминалот е ако кажеш дека тој пред тебе повеќе крадел. И толку!? Демократија и право  не е кога  парламент носи закони за приватизирани институции според потребите на власта и нивните олигарси. Законски е покриено ама не е демократски и праведно да купиш еден цел град со се рудниците, да менуваш фасади на една цела метропола, да продаваш фабрики, да продаваш работници како евтина сила, а да им велиш дека тоа се инвестиции и вработувања. Тоа слепило да го покриваш со свои луѓе на  купени медиуми, со луѓе кои се нарекуваат новинари, лажат и всушност се соучесници во тоа злосторство врз иднината на обичниот човек и вистината.

А, ако пукне?

Новата енергија која изникна од последниот протест на опозицијата, од протестите на хонорарците и синдикалците, солидарноста против полициската бруталност, сите пленумци и сето заедништво, ако не се ништи, затвора и убива на сила, може и треба да изроди еден поинаков квалитет во барање одговорност од тие кои треба да им служат на граѓаните, а не граѓаните да им служат ним.

Ама сѐ тоа е неверојатно за да остане вистинито, ако не сме довлно силни и збиени во редицата, затоа што тоа го урива досегашниот концепт на владеење на сите досегашни влади, само од последната надграден и проширен –раскарај меѓуверски и меѓуетнички, па владеј.

Го слушнавте ли попот Петар, кој се нарекува владика, што изјави во Тетово: „Да се помолиме за душите во оваа меѓуверска војна. “ Со кое право бре дедо попе, криминалот го именуваш со меѓуверска војна, и потоа сакаш да ти верувам дека си божји човек. Иво Вајгал може да продава џихадизам, платен е за тоа и белосветски е, но ти попе, нели си наш и не си за пари туку за божја правда? Ако пак пукне  така, потхранувајќи ја таа меѓуверска „нетрпеливост“ дедо попе, што правиме? Ќе се повлечеш ли и ќе замолчиш како грешник, кој би требало да разбира, простува, а не да прави гревови ?

Камповите засега не менуваат ништо, освен што го одржуваат ова време на несогласување до новите потези на власта и опозицијата.  И тој на седумнаесетти и оној на осумнаести, најголемите историски, ниту ги паднаа, ниту овие ја одбранија Македонија. Тој амбиент вешто го користат и катадневно фрлаат бензин и Србите, и Косоварите, Бугарите и Русите…

Сѐ нешто сите се фокусираат за десет дена дали ќе добиеме нова, некаква техничко, политичка влада ако се согласел Груевски него да го замени некој од неговите последни министри, а тој да не биде премиер, се тики тоа е готова работа, а владините телевизии во пакет со државата не престануваат да рикаат дека сите се предавници освен тие нивните, вмровци.

Тука остана сепак една недоречена и припокриена работа. „Малата војничка, “Le Petite Guerre”.

ДУИ велат биле договорени да ја напуштат колицијата, се разбира на знак на чичко Сем,  ама кој знае дали сите од ДУИ. Военото крило од ДУИ сака да си го оправда името, знаат тие дека со војска се доаѓа до пратенички и министерски фотелји. Ахмети е во прикаската  во кумановската мала војничка, па за некои тој е предавникот. Кој е патриотот?  Колку загинаа никој не пребројува, но се сомнева ли некој дека тоа е и планот Б. Ако е и платен тој се доплатува или ќе има  „рекламација “ за испорачаното.

Таму  исто така не се дообјаснивме како тоа од територија на Косово влезе таа банда ? А, влезот кој го отвора и затвора? Кај кого е клучот?

Дружината околу Заев е веќе победнички настроена , веројатно поради амбиентот од кампот на истомисленици пред Владата, но  најтешкиот дел по Груевски е сепак испред, а не позади. Веќе се прават редици и сопки пред Бихаќка. Како ќе менаџира тука Заев, ќе бира ли од најгласните платени активисти, или ќе одбира од најискусните?  Ќе донесе нови луѓе професионалци или пак ќе возиме на веќе професионализираните партиски војници. А, нели најголемиот протест беше граѓански?

Сега ќе се отвори и таа најопасната битка за сѐ уште незаздравеното СДСМ откако го распука претходникот Б.Ц., кој упорно не ја наведнува главата. Ќе излезат и сите гнасотии на меѓусебните пазари: мој човек, ма кој е тој, наша екипа… ма таа беше со оние…

Груевски паѓа и треба да падне ама да не паднеме сите, само некако во различно време некој прв, некој втор, во зависност кој нели прв се качил на врвот.  А, ако сите се струполиме  на оваа балканска ветрометина, чекајќи го Сем да загризе малку поцврсто?

Во политиката правењето војна не е грев, на Балканов па ни малку сложена  и скапа работа. Тука има добивка за сите белосветски, домашни, ислужени стари и нови политичари, има тука ќар за криминалците, подземјата, насилниците и пропагандистите , медиумите.

Тука нема ништо само за граѓаните, и треба да направат нешто повеќе од протест и камп, во спротивно  остануваме само Балкан, а сегашниве негови лидери, баш и не би се  менувале  со никаква Европа. Тие од просторов си направија своја лична приватна Европа, исто како и со државата.

Драган Антоновски 

Слични содржини