Груевски – Петков: Договорот за добрососедство е важен за евроатлантските интеграции

од Vladimir Zorba

Република Македонија има интерес за развивање и продлабочување на односите со соседна Бугарија, бидејќи е взаемен интерес натамошниот прогрес на земјава во евроатлантските инеграции, било заклучено на средбата помеѓу претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски и амбасадорот на Бугарија во Македонија, Иван Петков.

Од ВМРО- ДПМНЕ информираат дека „бугарскиот амбасадор Петков посочил дека со потпишување на договорот за добрососедство се затвара едно исклучително важно прашање, а Македонија добива уште еден партнер и поддржувач во нејзините напори за членство во ЕУ и НАТО.“

Груевски, како што се вели во соопштението, позитивно ја оценил волјата на Бугарија да помогне во остварување на овие цели, бидејќи истите се приоритет и на ВМРО ДПМНЕ.

Груевски исто така посочил дека „ВМРО-ДПМНЕ напорно работело во приближување на ставовите на двете земји за потпишување на фер договор и дека заради нетранспарентноста која што актуелната влада го водела процесот, сега се вознемирува и општата и стручната јавност.“

„Како партија, ВМРО-ДПМНЕ даде неколку конструктивни предлози кои доколку се вградат во финалната верзија, значително би го подобриле договорот и би биле јасен показател за искреноста на двете страни во подобрувањето на односите“, посочил Груевски.

Според него, откако партијата ќе ја има на увид финалната верзија на договорот и откако истата ќе биде анализирана во партиските тела и комисии, ВМРО-ДПМНЕ ќе заземе став во однос на истиот.

Слични содржини