Груевски сега со нова плоча – МОЖЕЛО и Платформа, ама по избори !?

од Vladimir Zorba

Ако досега т.н. Платформа беше предавство, дел од таен план кој требало да резултира со кантонизација, федерализација и финале со промена на името, ако т.н. Платформа e неприфатлива, бидејќи била направена во туѓа држава, како тогаш за ВМРО-ДПМНЕ е во ред, ако таа се примени, ама после нови избори зад кои актерите што ја туркале ќе добиеле мнозинство?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Никола Груевски, на 25.04.2017 година даде изјави за излез од политичката криза, при што меѓу другото го кажува и следното, што го сметаме за спин:

 

Спин: „Уште еднаш потврдувам дека најдобар излез од оваа ситуација е да се оди веднаш на брзи предвремени избори, заедно со редовните планирани локални избори, кои патем речено заради чекорите на СДСМ се одложија“.

И потоа нека излезат тие (СДСМ-н.з.) со она што го нудат, со она што го прифатиле, со Тиранската палтформа, со се’ што сакаат. Ако граѓаните тоа им го одобрат, ако добијат мнозинство гласови, нека направат влада и нека го исполнат тоа што го наумиле и тоа што некаде го ветиле. Тоа е барањето на граѓаните во овие нивни револти и навистина никогаш досега не се случило толку многу долги и толку многу големи протести на граѓани низ цела Македонија, речиси 60 дена. Меѓу 100 и 200 илјади граѓани секој ден маршираат низ улиците во 30-тина градови во Македонија. Тоа е нешто за што опозицијата, односно СДСМ и партиите со неа треба да се замислат и треба да излезат во пресрет на народот, во пресрет на граѓаните.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна, датум: 25.04.2017]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Никола Груевски во две одвоени ситуации вчера, излезе со нова теза дека само изборите се решение за кризата а еве и зошто: на изборите била направена измама, оти не била претставена т.н. Платформа од Тирана како основа за коалициски договор помеѓу сегашното парламентарно мнозинство (СДСМ, Алијанса за Албанците, БЕСА, ДУИ), затоа, народот бил револтиран и 100-200 илјади граѓани шеесет дена на улици во триесетина градови барале нови избори и оттука најдобро е нека има нови избори, па ако СДСМ добиел мнозинство, „нека направат влада и нека го исполнат тоа што го наумиле и тоа што некаде го ветиле“.

Станува збор за целосен спин и нелогичности во изјавите на Груевски и тоа врз повеќе основи.

Прво – т.н. Платформа, беше тема и на изборите и по изборите. Лидерството на албанските партии во Македонија и пред изборите на митинзите ветуваа многу прашања што се дел од т.н. Платформа, а најмногу за едно од главните, употребата на јазикот на Албанците во Македонија, прашање, кое што беше тема и на изјави на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Па, токму поради тоа, огромен дел од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ во предизборието беше насочен кон оваа тема, што формално од партијата, што неформално од медиумите за кои јавноста смета дека се под контрола на Груевски.

Покрај ова, факт е дека т.н. Платформа, која е со формално име Декларација (DEKLARATË E PËRBASHKËT E PARTIVE POLITIKE SHQIPTARE NË REPUBLIKËN E MAQEDONISË) и која е збир на изразена политичка волја на група партии, е потпишана во Скопје и обнародена на 7 јануари 2017 година. На 9-ти јануари Груевски го добива мандатот за преговори за состав на нова Влада, а во разговорите со ДУИ (која неформално е составувач на т.н. Платформа), според повеќе извори (и од ДУИ и од медиуми и последно, од Еди Рама), од ВМРО-ДПМНЕ биле прифатени сите барања не само околу употребата на јазикот на Албанците, туку и други прашања од документот. Она за што навистина немало преговори и тоа го потврдуваат и двете страни, е прашањето за продолжување на мандатот за истраги на Специјалното јавно обвинителство, поради тврдиот став на ВМРО-ДПМНЕ

 Второ – Груевски повторно со тезата дека народот е само оној народ кој ги поддржува ставовите на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Шеесет дена, низ триесетина градови, секојдневно протестирале 100 до 200 илјади луѓе. Ај што бројките не се точни, ниту за собраните, ниту за бројот на местата каде што има протести (освен формално закажани на 13-ти март), спинот околу тоа дека „народот е револтиран“ упорно се продолжува. И затоа, упорно треба да се потсетува на изборните резултати кои ги признава и ВМРО-ДПМНЕ.

А, тие велат дека „народот што е револтиран“, гласал за политиките на оваа партија со вкупно 38 отсто од граѓаните што излегле да гласаат. Другите, сите заедно, дале вкупна поддршка од над 50 отсто на партии што имаат поинакви политики од ВМРО-ДПМНЕ, односно само за партиите што сега го сочинуваат новото парламентарно мнозинство. (Бројките се од официјалната страница на ДИК и според истите, од излезени 1,2 милиони избирачи, за опозициски партии што имаат договор за парламентарното мнозинствоод 67 пратеници гласале 616,7 илјади избирачи)

Трето и најаважно – ако досега т.н. Платформа беше предавство, дел од таен план кој требало да резултира со кантонизација, федерализација и финале со промена на името, ако т.н. Платформа e неприфатлива, бидејќи била направена во туѓа држава, како тогаш за ВМРО-ДПМНЕ е во ред, ако таа се примени, ама после нови избори зад кои актерите што ја туркале ќе добиеле мнозинство?

И потоа нека излезат тие (СДСМ-н.з.) со она што го нудат, со она што го прифатиле, со Тиранската палтформа, со се’ што сакаат. Ако граѓаните тоа им го одобрат, ако добијат мнозинство гласови, нека направат влада и нека го исполнат тоа што го наумиле и тоа што некаде го ветиле – вели Груевски.

Значи тогаш, предавството, бинационалноста, кантонизацијата, федерализацијата, промена на името ќе биле во ред? Зашто гласачите ќе му даделе, да речеме, мандат-два повеќе на Заев отколку на Груевски…!?

И, конечно, Груевски не споменува, што ќе направи и како ќе се однесува ако Иванов повторно процени дека не треба да го даде мандатот на одредено парламентарно мнозинство зашто ќе ја довело Македонија во состојба на завиност од туѓа држава…? Повторно ли ќе бара избори?

Од наведените аргументи може да се заклучи дека изјавата на Груевски што ја оценуваме, е извртување на вистината, односно спин. Наменета е да не се дозволи мирен трансфер на власта на веќе формирано парламентарно мнозинство, а тоа да се замаскира со ефемерни причини, т.е. лажни опасности за земјата, зад што, според голем дел од јавноста стојат лични интереси.

Теофил Блажевски

…………………………

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слични содржини