Груевски во потрага по владин партнер

од Vladimir Zorba

Откако го доби мандатот за формирање влада од претседателот Ѓорге Иванов, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски треба да обезбеди мнозинство во Собранието од 61 пратеник, информира DW.

Продолжување на партнерството со Али Ахмети и ДУИ, се чини, е единствената опција која му стои на располагање на Груевски за да го ефектуира и петтиот едноподруго мандат за формирање влада. Двете партии, кои коалицираат уште од предвремените избори во 2008 година, заедно би имале 61 пратеник, со што би се исполнил условот за формирање влада. Но, дилемите се, колку таа влада би била стабилна, дури доколку и се приклучат и двајцата пратеници на ДПА и врз кои принципи би функционирала?
Груевски веќе најави дека нема да брка формирање владино мнозинство „по секоја цена“. Изјавата веројатно повеќе беше одговор на платформата на партиите на етничките Албанци, кои со Декларација се обврзаа дека ќе работат на спроведување на повеќе цели, кои во јавноста беа протолкувани како контроверзни.
Со Декларацијата, меѓудругото, се бара целосна јазична еднаквост и употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта; дебата за знамето, химната и државниот грб со цел тие да ја рефлектираат општествената мултиетничност; создавање Државна комисија за финансирање на општините и Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците за поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја; правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата во сите нивоа на централната власт, јавните служби или претпријатија со јавни акции.
Прашање е дали Груевски ќе може да прифати било кој од овие услови, слично како и втората по бројност партија во парламентот- СДСМ која засега одлучи да молчи и да не ги коментира барањата на албанските партии.

Неизвесна судбината на СЈО

Додека тече првиот ден од 20-дневниот рок кој го има ВМРО-ДПМНЕ за да собере мнозинство во парламентот, јасно е дека две од четирите партии на Албанците, Беса и Алијансата, не се меѓу потенцијалните партнери. Тие веќе најавија дека нема учествуваат во влада со лица „осомничени од СЈО“. Африм Гаши од Беса за ДВ деновиве изјави дека за неговата партија еднакви приоритети ќе бидат „реформите од Извештајот на Прибе и двојазичноста“.

„Тоа е нешто што сите ние го имаме во нашите изборни или политички програми, само што во таа декларација е артикулирана со други зборови“, вели Гаши.
За ставот на преостанатите- ДУИ и ДПА, може само да се шпекулира. Провладините медиуми денеска пренесуваат изјава на шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби кој вели дека преговорите ќе се водат на „највисоко ниво“, односно ставовите на ДУИ ќе ги застапува лично Ахмети. Она што засега отсуствува е јасен став од ДУИ за реформските приоритети и продолжувањето на работата на СЈО.

Целиот текст може да го прочитате тука

Слични содржини