Груевски зборува за неправди, виетнамско сценарио, паравојски, улични борби…

од Vladimir Zorba

Во говорот по повод 27-миот роденден на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот лидер Никола Груевски ги критикуваше најголемите телевизии и Специјалното јавно обвинителство, кои, според него, водат хајка против неговата партија во корист на СДСМ и новата влада.

 

-Велат дека сакаат медиумите да ги критикуваат, а гледајте што направија со оние медиуми за кои велеа дека им се непријатели. Преку суплтилни закани од СЈО, преку казни од Агенцијата за медиуми, постигнаа да нема критички прилог за владата, туку дури 80 отсто од прилозите да бидат афирмативни за новата влада, која веќе нема проблем со избалансирано известување – рече Груевски.

Како што истакна тој, СЈО подготвило или допрва спрема обвиненија за над 120 луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, кои, според него, треба да бидат осудени по претходен притисок врз судиите, а за тоа медиумите на долго и на широко да пренесуваат.

 -Спремен сум на секојдневни лажни вести за мене, лажни обвиненија, но и ВМРО ДПМНЕ не смее да се плаши, барам од вас да верувате. Ги следам повиците за виетнамско сценарио, улични борби, паравојски и што уште не, тоа е се заради емотивен набој од неправдата која и се случува на државата.

Груевски со остри зборови ги нападна медиумите за кои рече дека не известуваат објективно, дека биле наклонети кон актуелната власт. За власта рече дека е незрела и дека нема да помине кај народот.

„Погледнете што направија со најгледаните медиуми, на најгледаните телевизии нема ниту еден критички прилог за новата власт. 80 одсто се афирмација на новата власт. Тоа никому не му пречи, се е идеално.

Видете ги СЈО без докази ќе штанцаат обвинение за 120 луѓе од ВМРО ДПМНЕ без никакви докази. Ако СДС имаат некоја меѓународна поддршка и веруваат дека тоа вечно ќе трае, тогаш ќе имаме краток опис  на новата влада, незрели политичари без визија кои имаат омраза кон нас, особено кон мене. Сега наумиле нов план да го ослабнат ВМРО ДПМНЕ пред локалните избори и партиски да завладеат со судството и медиумите, судството да ги гони нашите челници – рече Груевски.

 

 

Слични содржини