Специјалниот германски пратеник, Јоханес Хајндл, идната недела повторно ќе дојде во Македонија, на средби со потписниците на Договорот од Пржино. Тој тогаш ќе донесе нови предлози и идеи за надминување на политичката состојба во земјава, дознава „Мета“.

13187631_1074297205975471_1839217512_n-11

Според информациите, вчера и денеска на средбите со лидерите на политичките партии ги слушал нивните предлози и сугестии за излез од политичката криза, без да сугерира можен начин на решение.

Денеска тој се сретна со претседателите на СДСМ, ДУИ и на ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, а вчера разговараше и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Попладнево, Хајндл ја завршува дводневната посета на Македонија.

На средбата со Заев, како што соопшти СДСМ, се разговарало за модалитетите за свикување на Собранието и одложување на изборите, како и начинот за поништување на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција. Заев посочил дека СДСМ останува посветена на процесот за враќање на слобдата, демократијата и правдата во Македонија.

– Интересот на Македонија и на сите нејзини граѓани е оваа криза што побрзо да заврши и земјата да зачекори кон сигурна и подобра иднина. Во Македонина може и мора да има слободни, фер, демократски и регуларни избори за што е неопходно исполнување на сите услови, рекол Заев на средбата со Хајндл.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети го информирал Хајндл со нивната иницијатива за свикување на Собранието. Ахмети по средбата ги повика сите политички партии да ја поддржат нивната иницијатива со цел да се најдат начини за решавањето на политичката криза. Рече дека се во контакт со другите политички партии, а се консултираат и со правни домашни и странски екперти како да се свика Парламентот. Според лидерот на ДУИ, избори на 5 јуни нема да се одржат, зашто не постојат услови за тоа.

– Со Хајндл разговаравме за политичката криза, како и за скопскиот договор. ДУИ ги претстави своите ставови за решавање на политичката криза. Во однос на изборите на 5 јуни сметаме дека не би било добро да се одржат, поради имиџот на земјата. Бараме начини како може повторно да се свика Собранието на Република Македонија. Го информиравме Хајндл дека ги преземаме сите мерки, во согласност со консултациите со правните експерти од земјата и странство како Собранието повторно да се стави во функција. Кога ќе проработи Собранието, ќе се отворат многу други прашања, изјави Ахмети по средбата со специјалниот германски пратеник за Македонија.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи, пак, ја оцени инцијативата на ДУИ за свикување на Парламентот како лош маркетинишки трик.

Според него, договорот од Пржино е мртов и време е за нов договор. Одговорноста за пропаѓањето на Пржинскиот договор, вели Тачи, е кај ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ.

За средбата со Хајндл рече дека разговарале за политичката криза и се согласивме дека интеграцијата на Македонија во НАТО и Европската Унија не би требало да има друга алтернатива.

Лидерот на ДПА потврди дека во изминатите денови имало меѓупартските контакти и консултации на кои меѓу другото се разговарало и за нов датум за избори, но не кажа повеќе детали. Тачи смета дека е добро што меѓународната заедница се ангажира за излез од политичката криза.

Германскиот пратеник синоќа Јоханес Хандл имаше средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а претходно и со амбасадорите на земјите членки на ЕУ и на САД во Македонија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како што соопшти партијата, истакнал дека се посветени кон изнаоѓање на решенија кои би значеле брз излез од политичката криза. Груевски посочил дека е потребна волја и посветеност на сите субјекти, како и нивна активна партиципација и искрен пристап.

– Интерес на државата и на сите граѓани е надминување на кризата и враќање на патеките на напредокот и економскиот развој. Граѓаните посакуваат решенија кои ќе значат враќање на нивната сигурност, но и спокојство, рекол Груевски. Тој посочил дека секое решение треба да биде базирано врз почитување на волјата на граѓаните и нивното расположение како главна определба и носечка сила во градењето и развојот на демократското општество.

 

Слични содржини