Хан ја поздрави ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија

од Vladimir Zorba

 Македонското Собрание вчера со 61 глас „за“ и еден „воздржан“ го ратификува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. На седницата не учествуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, во своето обраќање пред пратениците, рече дека е факт оти тешки и деликатни прашања меѓу две соседни држави многу тешко се договараат и “ниту ние, ниту во Бугарија целосно сме среќни со текстот“.

– Договорот ги покрива нашите интереси и на бугарската страна. Има убава симболика бидејќи на денешен ден Бугарија ја призна независноста на Македонија, како прва држава. Многу е важно што пред да се ратификува договорот во пракса имаме суштинска смена во нашите односи, рече Димитров.

Посочи дека договорот е значаен поради тоа што двете страни се охрабриле „да излезат од рововите, особено во нашиот регион, кој е оптоварен со историја, и дека е важно што дава извесна самодоверба во нашето општество“.

Ратификувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија го поздрави еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан и бугарскиот државен врв.

– Тоа е важен чекор во вистинска насока на патот на земјата кон ЕУ. Договорот е исто така пресвртница во добрососедските односи за целиот регион на Западен Балкан, пишува во Твитер објавата на еврокомесарот Хан.

За бугарскиот претседател Румен Радев Договорот, кој е резултат на долгогодишните напори на дипломати и државници, отвора нова европска страница во односите меѓу двете земји. Се надевам дека сите земји, во еден момент, ќе потпишат такви договори за пријателство, а не да водат војна, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов по повод ратификувањето на Договорот за пријателство со Бугарија во македонскиот Парламент.

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева рече дека на Балканот сме покажале оти кога сме добронамерни и гледаме кон иднината, може да ги решиме проблемите кои се трупале со години.

 

Слични содржини