Хан ќе го скенира акцискиот план за реформите

од Vladimir Zorba

Направени се само почетните чекори, но потешките допрва следуваат. Вака коментираат претставници од невладиниот сектор вклучени во изготвувањето на Акцискиот план за итни реформски приоритети на новата влада, информира ТВ21.

Планот утре ќе биде презентиран пред еврокомесарот за проширување и добрососедство на ЕУ Јоханес Хан. Македонија ќе треба да покаже дека е способна да ги реши проблемите кои пред две години германскиот експерт Рајнхард Прибе во најголем дел ги лоцираше во правосудниот систем, а со години наназад слични забелешки беа нотирани и во извештаите на ЕК, ГРЕКО, и други организации.

Препораките на Прибе подразбираат многу потешки реформи од минимално прочистување на Изборниот законик и некои мерки во регулативата на медиумите, а тоа е единственото сторено во овие две години, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика.

„Она што е направено на краток рок, односно она што го прави владата во моментов е разрешувањето на државниот јавен обвинител и да се изнајде модалитет како ќе бидат спроведени клучните реформи во судството. Знаеме дека СДСМ во својата кампања најави генерален реизбор, но сега се слушаат концепти дали ќе се прави реоценување на судиите или ќе се прави реизбор. Второто нешто е следењето на комуникациите, односно да чуеме некој модалитет како се планира да се унапреди следењето на службите во Собранието, но и самото управување со опремата нешто што и Прибе го напоменува“, вели Кацарска.

Од Владата велат дека во фокусот на Акцискиот план ќе бидат реформите во судството и работата на Управата за безбедност и контраразузнавање со засилена конторла од Собранието. Приоритет ќе биде Судскиот совет и неговото екипирање со експерти кои без политички мотиви ќе назначуваат судии. Акцент ќе се стави и на статусот и соработката со Народниот правобранител кој треба да добие повеќе механизми за да се спроведуваат неговите препораки.

Нереално е да се очекуваат огромни резултати во следните шест месеци, вели Кацарска и додава дека идеално би било Македонија да покаже досие за спроведување на реформите, и ако има нов есенски извештај на ЕК тој да препорача почеток на преговори со единствен услов – решавање на спорот за името.

„Она што може најоптимистички да се очекува е да се спроведе дел од 3-4 клучни реформи до есен од кои изборот на нов обвинител, кој ќе биде и како ќе дејствува. Слушнавме дека од страна на Комисијата е изразена подготвеност да се спреми за Македонија посебен извештај на есен кој би можел да биде основа на самитот во декември Комисијата да ја одмрзне препораката“, додаде Кацарска.

/извор ТВ21

Слични содржини