„Новинарска етика и медиумски вредности во специфични околности и за време на избори“ беше темата на која денеска на конференција дискутираа претставници на новинарски здруженија, на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и новинари, во присуство на Аиво Орав, шеф на делегацијата на ЕУ и Фатмир Бесими, вицепремиер за европски прашања.

D114B585-5282-44C2-9C18-4C91FA706B1C_w640_r1_s

Слободата на медиумите е еден од главните столбови на една демократија и каков таков не може да биде предмет на дискусија, го цитираше еврокомесарот Јоханес Хан, евроамбасадорот Орав и нагласи дека во Македонија треба да се направат дополнителни напори во оваа насока.

Според него, во изборниот период потребно е правично и балансирано известување во медиумите, кои треба да обезбедат рамноправна положба на сите играчи на политичката сцена. Државата, подвлече, мора да обезбеди новинарите да работат во безбедна средина и опкружување, а Законот за клевета и другите закони не треба да се користат за да се врши цензура на критиката и да се лимитира на јавната дебата.

– Политичките елити имаат исто така своја одговорност. Секогаш треба да имаат на ум за последиците од употребата на политичкиот говор кој би можел да биде промотор на говорот на омраза. Сериозните актери и многу организации исто така придонесуваат да се помогне во борбата против корупцијата, обезбедувањето на правата на родовите групи, против дискриминација. Сопствениците на медиумите мора да воспостават средина во која ќе се негуваат највисоки стандарди, без кои нема начин како да се негува широк говор во кој слободата на мислењето ќе има највисоко место, рече евроамбасадорот Орав.

Вицепремиерот Бесими, потсетувајќи на досегашните активности за подобрување на состојбата во медиумите и слободата на изразувањето, меѓу кои донесувањето повеќе закони и формирањето на Советот за етика, најави дека во Секретаријатот за европски прашања во иднина во фокусот ќе бидат подобрување на професионалните стандарди кај медиумските работници, поголема транспарантност на владините реклами и подготовка на методологија за критериумите за распределба на буџетски средства на медиумите, јакнење и балансирање на улогата на јавниот радиодифузен сервис, подобрување на слободниот пристап до информации од јавен карактер и измени во однос на Законот за граѓанска одговорност, за клевета и навреди. Тој изрази уверување дека овие активности ќе придонесат за подобрување на условите за работа на медиумите во Република Македонија.

– Мора да признаеме дека политичката криза во РМ одзеде дел од енергијата, но останува фокусот и задолженијата за натамошни реформи за градење на демократијата кои се всушност процес кој бара голема посветеност и вклученост од сите страни, вклучувајќи ги и медиумите и новинарите во улога на зајакнување на демократијата во модерните општества, истакна Бесими.

Во битката за враќање на квалитетно новинарство, потенцира Марина Тунева, од Советот за етика во медиумите на Македониа (СЕММ), кое ќе значи и враќање на довербата на јавноста, потребно е силна меѓусебна соработка. Во името на Советот, таа побара соработка со медиумите во афирмирањето на неговата работа, објавувањето на одлуките на Комисијата за жалби, како и надградувањето на етичкиот кодекс и негово навремено приспособување согласно меѓународната практика и норми.

– Ефективната саморегулација го штити правото на медиумите да бидат независни, да ја заштитат својата слобода и да го градат својот професионален интегритет, рече Тунева.

Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби во СЕММ, оцени дека е потребен нов новинарски кодекс, во кој особено ќе се посвети внимание на етичкиот дел во изборниот период. Информира дека од над 50 – тина жалби досега пристигнати до Комисијата, речиси една третина се однесуваат на зазгрозени човекови права, говор на омраза, поттикнување насилство и дискриминација по разни основи, како и жалби за објавување непроверени информации. Посочи дека најмногу „на тапет“ биле он-лајн медиумите, потоа телевизиите, па печатените медиуми.

Според Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби, индексот на доверливост на медиумите е во константно опаѓање. Во практиката, рече, има нарушување на професионални новинарски стандарди.

„Додека ние разговараме за балансираност, во некој партиски штаб веќе се пишуваат денешните пропагандистички текстови кои како во хор ќе ги следиме во сите провладини вести и портали“, рече тој.

„Он-лајн новинарство: Новите медиуми, етиката и демократското новинарство“, беше темата на која говореше Енес Османчевиќ, од Советот за етика на Босна и Херцеговина.

– Се јавува проблемот на анонимноста на комуникацијата. Имаме денес многу веб портали кои немаат импресум, не се знае кој стои позади нив, кој е основач, кој сопственик, ниту кој е уредник и по кои принципи се раководи кога јавно публицира, рече Османчевиќ на денешната конференција што се одржа во Скопје./МИА

 

Фото: РСЕ

Слични содржини