Хелсиншкиот комитет во врска со вчерашниот трагичен настан, кога во близина на Велес воз усмрти 14 и повреди најмалку 4 мигранти – бегалци испрати соопштение, во кое ги посочува условите во кои се сместуваат имигрантите, но и нивните права во земјите каде моментално престојуваат..

helsi

Од невладината, потсетувааат дека во последните 6 месеци се усмртени најмалку 27 странци, вклучително бебиња, деца и жени кои ги напуштаат матичните држави од Западна Азија и Централна Африка и транзитираат преку територијата на Република Македонија. Кога ќе ги откријат полициски службеници, тие најчесто се притвораат во Прифатниот центар за странци во населбата Гази Баба каде, реагираат од Хелсиншки, во крајно нечовечки поминуваат по неколку месеци.

„Во Член 29 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека странците уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори. Република Македонија, како потписник на Европската конвенција за човекови права, покрај тоа што има обврска да се воздржи од одземање на животот, мора да преземе и соодветни чекори преку кои ќе ги заштити животите на оние лица кои се наоѓаат на нејзината територија. Ова особено се однесува на ситуации во кои државата е запознаена дека постојат ризици кои можат да доведат до губење на човечки животи. Истата обврска се однесува и на превенцијата и заштитата од тортура на сите лица кои се лишени од слобода.“, посочуваат од ХК.

За жал, велат од таму, и покрај тоа што Министерството за внатрешни работи е запознаено со опасностите и ризиците на кои се подложни мигрантите и бегалците, државата не презема соодветни мерки да ги заштити нивните најосновни човекови права. Пругите се необезбедени, не постои никаква сигнализација или знаци што би укажале на опасност за движење на луѓе, а на мигрантите и бегалците не им се обезбедува ниту најосновната хуманитарна помош.

„Единствениот Прифатен центар во Гази Баба е пренатрупан и во распаѓање, нема соодветна здравствена заштита, а не се обезбедува ниту правна помош. Мигрантите и бегалците живеат во неизвесност за нивната иднина, а Прифатниот центар е целосно затворен за здруженијата на граѓани и медиумите“, реагира Хелсиншкиот комитет.

Слични содржини