Хобс, „Човек на човека му е волк“

од Vladimir Zorba

На денешен ден 5 април

1588.- Роден е Томас Хобс, англиски филозоф, продолжувач и систематизатор на класичниот англиски емпиризам. Познат е по максимата „Човек на човека му е волк“. Напишал многу дела меѓу кои се „Левијатан“, „За политичкото тело“. Умрел на 4 декември 1679 година.

1654.- Со мирот во Вестминстер (централен дел на Лондон) завршила првата Англо-холандска војна. Со победата врз Холандија, Англија ја скршила холандската надмоќност на море.

1794.- Гилотиниран бил Жорж Дантон, француски револуционер, противник на монархијата во Француската буржоаска револуција. Тој бил жртва на јакобинскиот терор. Роден бил на 6 октомври 1759 година.

1827.- Роден е англискиот хирург Џозеф Листер, основач на антисептичката медицина, кој во 1867 година прв ја вовел антисепсата во хирургијата. Подоцна се применети усовршени методи, но во хирургијата и сега се користи неговиот принцип дека бактериите не смеат да се присутни на местото каде што е извршена операција.

1900.- Роден е американскиот филмски актер Спенсер Трејси, исклучителен толкувач на низа карактерни улоги, прв актер кој две години една по друга добил Оскар за филмовите „Храбриот капетан“ во 1937 и „Град на момчиња“ во 1938 година. Други филмови: „Бес“, „Седмиот крст“, „Цитадела“, „Старецот и морето“, „Нирнбершкиот процес“, „Погоди кој доаѓа на вечера“.

1908.- Роден е австрискиот диригент Херберт фон Карајан, еден од најпознатите диригенти на 20 век кој со децении доминираше на светската музичка сцена, изведувајќи го со жестока емотивност, изразена фантазија и прецизност големиот оперски и концертен репертоар. Врвно ниво достигнал диригирајќи со Берлинската филхармонија и со оркестарот на Виенската државна опера.

1908.- Родена е американската филмска актерка Рут Елизабет Дејвис, позната како Бет Дејвис, која снимила повеќе од 80 филмови и остварила низа големи драмски улоги, главно играјќи несреќни и лоши жени. Настапила во филмовите „Опасна“, „Џезабел“, „Елизабета и Есекс“, „Хуарез“, „Се за Ева“, „Свадбен ручек“ и други.

1916.- Роден е американскиот филмски актер Грегори Пек. Играл во филмовите „Двобој на сонце“, „Случајот Парадин“, „Џентлменски договор“, „Снеговите на Килиманџаро“, „Празник во Рим“, „Моби Дик“, „Арабеска“ и други.

1955.- Британскиот премиер Винстон Черчил поднесол оставка на функцијата. Неговото премиерско место го наследил шефот на британската дипломатија Ентони Идн.

1987.- Во Скопје умрела Калипсо Налча, прва жена – професионална артистка во Македонија. Родена била во Битола, во 1915 година.

1989.- Полската влада го легализирала опозицискиот работнички синдикат „Солидарност“.

1995.- Израел го лансирал првиот шпионски сателит „Офек 3“.

1999.- Властите во Либија ги предале двајцата Либијци осомничени дека во декември 1988 година ја предизвикале експлозијата на американскиот патнички авион „Боинг 747“ над местото Локерби во Шкотска, при што загинале 270 лица.

2005.- Умрел американскиот писател Сол Белоу, добитник на Нобеловата награда за литература и еден од најзначајните американски писатели на 20 век.  Тој пишувал за ликови кои водени од лични кризи преку бројни преиспитувања и сомневања се обидуваат да дојдат до сопствената вистина во светот на модерните вредности. Негови познати дела се „Херцог“, „Хендерсон, кралот на дождот“, „Равелштајн“ и други.

2006.- Умел американскиот уметник од руско потекло Ален Карпов, кој го востановил хепенингот како уметничка форма на изразување. Во 1959 година во галеријата Рејбен во Њујорк го одржал првиот хепенинг под името „18 хепенинга во шест дела“.

2008.- Умрел американскиот актер Чарлс Картер, познат како Чарлтон Хестон. Филмови: „Десетте заповеди“, „Бен Хур“ (Оскар), „Јулиј Цезар“, „Агонија и екстаза“, „Ел Сид“ (Оскар), „Мајор Денди“, „Планетата на мајмуните“, „Земјотрес“.

2012.- Во Салцбург, на 76-години, умрел Фердинанд Александар Порше, внук на основачот на „Порше“ и дизајнер кој го осмисли класичниот спортски модел „911“. Фердинанд Александар Порше бил на чело на студио за дизајн „Порше“ во почетокот на 1960-тите, кога компанијата го развила популарниот модел „911“ кој и е нејзин симбол. Фердинанд Александар Порше во семејниот бизнис се вклучил уште како дете, поминувајќи го времето во работилницата на дедо му и во студиото за дизајн.

 

Слични содржини