Актуелно
Почетна / TOP NEWS / ХОЛИВУД го ПРЕПОЗНАВА, дома не го ГЛЕДАМЕ!

ХОЛИВУД го ПРЕПОЗНАВА, дома не го ГЛЕДАМЕ!

ИНТЕРВЈУ: ВИСАР ВИШКА, АКТЕР

 

Пред харизмата на Вишка, што ја воочуваат големи волци во филмската индустрија во светот , некои домашни режисери ставаат превез. И во уметноста, натаму поделби на “наши“ и “ваши“, условена од бесмислени политички стратегии на оние што раководат со инститиционалните средства.На паролите за “чиста Македонија“, треба да им се возврати, дека чиста ќе биде онаа земја, што има чист воздух, здрав правен систем, и лојална конкуренција за сите.

Додека, во светот, за професионален ангажман, пресудна е компетентноста, харизмата, издржливоста , креативноста, кај нас и натаму пресудува политичкиот и уште повеќе етничкиот предзнак. Подеднакво успешен и како актер и како продуцент Висар Вишка, впиша во својата биографија, интернационални проекти. Играше покрај оскаровци, подготвува копродукција со Албанија, Косово, Србија, Швајцарија, Франција но за шест години колку што е вработен во МНТ, одигра две епизодни улоги. Иако, успехот надвор од границите му е загарантиран, сепак е огорчен што во својата земја и натаму се чувствува диксриминиран.

Последните случувања што имаат тенденција да ги разгорат  меѓуетничките духови, според Вишка, колку и горчина да создадаваат, одат само на штета на оние кои ги подргреваат. Тој смета дека, граѓанскиот концепт за прв пат имаше политички успех и дека е надвор од памет за да се заштити криминалот на поединци, да ескалираат односите меѓу Албанците и Македонците.

Во еден свој фејсбук статус напиша „Кризата веќе не етничка ниту интеретничка.Кризата е демократска, правна, институционална“. Неговите бројни искуства на филмови на големи светски продукции, скапоцените контакти што им овозможуваат и на неговите колеги да работат надвор, приливот на средства дирекно во Македонија, му даваат легитимитет на ставовите што ги сподели во овој разговор. Иако, за овие прашања разговаравме и пред осум години, се разделивме со надеж дека во следното интервју, од политичките теми ќе коментираме некоја партија за заштита на животната средина, или нешто слично. 

Иако, во Македонија некој повторно ги подгрева страстите за меѓуетнички конфликт, се користи говор на омраза и се спомнуваат територијани апетити на соседите, “Вис продукција“, најавува обемен копродукциски филмски проект. За што станува збор?

Во моментов, работам на подготовките за една обемна копродукција меѓу Албанија, Франција, Швајцарија, Србија, Косово, и се надевам Македонија, доколку проектот помине во филмскиот фонд. Продуцентите, најпрво од мене побараа да го режирам овој филм, но бидејќи немам албанско државјанство, можам да влезам со улога или во продукција од Македонија.

Си имал можност да работиш со многу светски имиња, и имаш искуство во формирање на буџети за филм како овој во најава, дали сметаш дека Македонија е правилно ориентирана во филмската индустрија?

Општиот впечатпок е дека надвор од нашиве граници, луѓето во мојата професија, ги интересира само способноста за работа и вештините таа да се реализира. Никој никаде не се оптоварува со нечија етничка или политичка определба. Кога зборуваме за филмот, овој тренд да се даваат милиони за филмови што се неразбирливи за публиката надвор. Сите локални приказни што некој сака да ги стави на филм, потребно е да добијат објективно мислење, некој од надвор ќе може да ги воочи тие слабости на приказна која не е јасна од Табановце до Богородица а уште помалку надвор од границите. А која е пак целта да се прават филмови што не поминуваат надвор од Табановце. Секогаш, практикувам, потенцијаните сценарија, да ги прочитаат сценаристи  од странство, и нивните сугестии помагаат приказнатада биде сфатена и да допре кон милиони потенцијални гледачи.

Како се случи да добиеш улога во популранта серија на Фокс, „Леџендс“ ?

Веќе одамна ја почнав мојата интернационална кариера, и досега имам играно во неколку меѓународни серии и филмови. Во конкуренција со актери од цел свет, добив улога во „Леџендс“. За серијата на FOX, бев ангажиран за четири епизоди, но сценаристите потоа допишуваа да ме одржат жив во серијата. Значи мојот квалитет како актер беше пресуден.

Што станува со работата во матичната куќа, во МНТ?

Со самото тоа што сум веќе речиси шест години вработен во МНТ, а сум имал само две мали улоги, тоа кажува се. Сакам да играм и во мојата земја. Снимав и со оскаровецот Стивен Гаган, но во Македонија со секој поголем успех надвор, се потешко добивам улоги. Навистина ме боли овој факт.

Со секој мој успех надвор се надевав дека ќе исчезнат тие бариери за моите ангажмани тука. Некои режисери отворено ми кажале дека не добивам улоги затоа што е наложено од тие “горе“ само “наши“ да играат. Веќе подолго време живееме во фашизам и барок.

Како гледаш на последните политички случувања, на албанската платформа и повторното ставање на маса на деликатни прашања што повторно беа закана да ги раскараат Албанците и Македонците?

Значи таа така наречена албанска платформа постои откако е Македонија формирана. И прашањето со двојазичноста не е ништо ново, само што е правно формулирано и оставено отворено за некој да го почитува или не, по сопствен избор. Кај нас правно речиси ништо не функционира и никој не сноси последици и одговорност за тоа. Се радувам што на овие избори за прв пат од нашиот плурализам, се гласаше за граѓански а не за етнички концепт.

И на Албанците и на Македонците им е јасно дека оваа земја ќе функционира единствено кога ќе биде искоренет криминалот и корупцијата. Оние што извикуваат пароли за да спасат некого од затвор, навистина не знам како ќе останат да живеат во земјава, кога правдата ќе биде задоволена.

Крајно време е СЈО да ја заврши работата. Треба да градиме држава што почива на идеи и на правен систем, а не на леви и десни пропаганди. Ако пресметам колку средства досега сум донел во државата, работејќи различни проекти, ангажирајќи мои колеги, сигурно ќе излезе дека мојата плата во МНТ, сум ја заработел за 15 години од напред. Но зошто и натаму да се прави тивка дикриминација, не знам. Ќе мора конечно да се размислува реално за подобра заедничка иднина на сите граѓани во Македонија. Не постојат никакви етнички проблеми, тие ги прават само оние на кои тоа секогаш им служело за механизам да ги заштитат своите валкани интереси.

Разочаран сум од академиците во МАНУ, кои секогаш излегуваат со ставови кои имаат националистички да неречам фашистички предзнак. Како е можно “најголемите умови“ кои што скапо ги плаќаме од нашите бедни плати, свесно да шират омраза и параноја. Тоа на што се надевам е дека конечно овие прашања ќе бидат решени засекогаш, и во иднина ќе може да зборуваме и да спориме за работата на партии со граѓански концепти, за зеленилото, за воздухот и за подобро образование на нашите деца. Хорор се сите трите последни проблеми. Ах, и здравството.

Погледајте ја галеријата од снимањата на Висар Вишка

 

 

Разговарала: Ана Василевска