Укинувањето на законот за хонорарци предизвика различни реакции во јавноста, но оние кои беа меѓу засегнатите, како што се културните работници, сметаат дека тој направи штета од моментот кога се помислило на него.

ne-za-honorarot1

– Криејќи се зад наводна социјална грижа, донесоа закон што беше толку дискриминациски и неправеден на безброј нивоа, што однапред сугерираше дека самата помисла не била социјална грижа, туку токму спротивното. Тоа ме уверува дека намерите биле други – вели режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, кој беше еден од потписниците на отвореното писмо што филмските работници го испратија до Владата, а во кое се укажуваше на негативните ефекти од овој закон.

Јаниќијевиќ потсети и на претставката до Уставен суд поднесена од 7.000 граѓани за утврдување на неуставност на пакетот закони со кои се регулира плаќањето придонеси за хонорарците.

– Уставниот суд молчеше четири месеци, а можеше да го реши проблемот без укинувањето да изгледа вака „предизборно“. Нормално, свесен сум дека политичката ситуација има импликации за ваквото ретерирање, но сепак ме радува што голем број граѓани ја почнаа оваа битка и на крајот ја добија. Луѓето треба да се охрабрат и да ги кажат неправдите на системот. Ова го кажувам зошто знам колку беше тешко да се соберат потписите за Уставен, поради партискиот страв да не бидат ставени во некоја фасцикла на неподобни и покрај тоа што некој се дрзнал, крајно неправедно, да ти брцне в џеб – додава Јаниќијевиќ.

Од компаниите ја поздравуваат одлуката на Владата, но прашуваат што со уплатените пари?

– Топло ја поздравуваме одлуката на Владата да го укине овој закон, сослушувајќи ги луѓето што беа засегнати од него. Во исто време, очекуваме позитивна разврска за луѓето што изминативе шест месеци редовно ги намируваа обврските во согласност со законот. Што ќе се случи со тие средства? Дали ќе бидат рефундирани, дали со нив сме купиле шест месеци стаж – велат од секторот продажба од компанијата „Авон“.

Измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, а кои се однесуваа на хонорарците, стапија на сила од 1 јануари 2015 година.

Голем број здруженија, организации и граѓани протестираа против овој закон и незадоволството го изразија на улица.

Од платформата за граѓанска политика „Ајде“ сметаа дека новите закони за хонорарци прекршија неколку уставни права и принципи и со нив се изврши грабеж врз голем број граѓани на Македонија.

Лавина реакции ги преплави и социјалните мрежи

Слични содржини