И Канческа-Милевска и Пешевски останаа без пасоши, засега нема притвори

од Vladimir Zorba

Кривичните совети на Основниот суд Скопје ги одбија како неосновани барањата на Специјалното јавно обвинителство да им биде одредена мерка притвор на поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска и на поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски.

На Канческа-Милевска и на Пешевски, кои се обвинети во случаите „Тендери“ и „Траекторија“ на СЈО, судот наместо притвор им одредил мерки на претпазливост – одземање на пасошите и обврска секој понеделник, односно вторник да се јавуваат кај надлежно службено лице во судот.

Според одлуките што ги објави судот, прифатени се барањата за одредување мерки на претпалзивост против три лица обвинети во случајот „Тарифа“, на кои им се одземени пасошите и им е наложено секој понеделник да се јавуваат кај службено лице во судот.

Идентични мерки му се одредени и на Н.С., обвинет во случајот „Трезор“, додека барањата за мерки за претпазливост против седум лица, обвинети во случајот „Титаник 2“, судот ги одбил како неосновани.

Како што информираат од Кривичниот суд, прифатени се предлозите на СЈО за определување мерки за претпазливост против Т.Ѓ., Д.Д., М.Т., Д.Г. и В.Т., на кои исто така им се одземени пасошите и треба секој понеделник да се јавуваат во судот.

Судот ги прифатил мерките за претпазливост и за четири лица обвинети во случајот „ТНТ“, додека барањето за притвор против градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, обвинет во истиот случај, е отфрлено како неосновано и, како и на другите четворица, му е одземен пасошот и има обврска секој вторник да се јавува во судот.

Кривичните совети го одбиле и барањето за притвор на обвинетиот Ѓ.П. во случајот „Триста“ и го замениле со мерки на претпализвост, односно привремено одземање на пасошот и обврска секоја среда да се јавува во судот.

Од Основниот суд Скопје 1 соопштија дека СЈО синоќа доставило два нови обвинителни акти поврзани со случаите „Титаник“, „Таргет“ и „Тврдина“ (овие два предмети се споени во едно обвинение).

Обвиненијата, преку електронскиот систем за водење предмети, се распределени кај судиите Ивица Стефановски и Горан Бошевски. Со двете обвиненија се доставени и барања за одредување притвор и мерки за обезбедување на присуство за обвинетите во случаите, а кои кривичните совети денеска ги разгледуваат и ќе одлучуваат по нив.

Инаку, во предметот „Титаник“, обвинети се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протогер, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски. Во „Таргет“ и во „Тврдина“ првообвинети се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, и поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. За сите нив СЈО бара притвор.

Основен суд Скопје 1 синоќа ги соопшти одлуките за пет барања од СЈО, според кои не е прифатено ниту едно од барањата за притвор, а во некои случаи наместо тоа изречени се мерки на претпазливост.

Слични содржини