И по кавгите Шешељ, Вучиќ и Николиќ во “еден глас”, задоволни од изборот на Трамп…

од desk3

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, му ја честиташе победата на Доналд Трамп на претседателските избори и притоа изрази надеж дека неговата „голема победа“ ќе придонесе за унапредувањето на односите меѓу Србија и САД.

vucic-seselj-nikolic-790x579

Српските аналитичари, пак, не очекуваат битни промени во односите на Вашингтон кон Србија и кон регионот.

„Верувам дека на должноста 45. претседател на САД ќе пристапите со посветеност и со одлучност, карактеристики со кои се одликуваше и Вашата исклучителна кампања. Лидерството со кое се истакнавте, претставува силна волја која е неопходна не само на граѓаните на САД, туку и низ целиот свет“, истакна Вучиќ во честитката.

Српскиот претседател Томислав Николиќ во честитка за победата оцени дека по доаѓањето на Трамп на претседателското место, може да се очекува соработка помеѓу Русија и САД, како и подобро разбирање со Србија во однос со косовското прашање и односите со Москва. Николиќ најави и дека од српската влада ќе побара анализа за влијанието на победата на Трамп врз српската економија.

Претседателот на Српската радикална партија, Војислав Шешељ во средата му ја честиташе изборната победа на Доналд Трамп на американските претседателски избори, наведувајќи дека се надева оти со неговиот избор ќе биде завршена „срамната епизода“ во односите меѓу двете земји и дека Србија и САД ќе започнат „блескаво ново поглавје“.

„Пријателството и сојузништвото на САД и Србија траеше за време на двете светски војни и за време на Студената војна, се додека воениот злосторник Бил Клинтон не покрена нелегална воена агресија на нашата држава, со цел да го пренасочи вниманието на американската јаност и медиумите од неговите вонбрачни афери и останатите скандали. Агресијата резултираше со креирање на илегални муслимански наркомафии во квазидржавата формирана на Косово, светата српска земја“, навел Шешељ во честитката до Трамп.

За потсетување Вучиќ и Николиќ беа најверните придружници на Шешељ, но кога тој беше во затвор во Шевенинген, тие се отцепија и ја формираа Српската напредна странка, со која ја освоија власта.

Тој му пренел „неизмерна благодарност“ поради тоа што го осудил НАТО бомбардирањето на Србија и потсетил дека поради ова на 16-ти август, за време на посетата на американскиот потпретседател Џозеф Бајден, Српската радикална партија организирала собир во знак на поддршка за Трамп.

Опозициската партија Демократската странка на Србија оцени дека односот на САД кон Србија со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа не може да биде понеповолен од тој за време на владеењето на администрациите на Клинтон, Буш и на Обама, чија политика кон Србија била сè друго освен пријателска.

Поранешниот амбасадор на Србија во САД, Иван Вујачиќ, верува дека суштински нема да се промени надворешната политика на САД кон Западен Балкан и смета дека САД ќе ја поддржуваат секоја влада која е ориентирана кон Брисел и која ја чува регионалната стабилносст.

Претседателката на белградскиот Центар за надворешна политика, Александра Јоксимовиќ, изјави дека победата на Трамп ќе се коментира како поголем шок од Брексит, но и таа е уверена дека политиката кон Западен Балкан, која не е во фокусот на САД, сепак ќе остане непроменета.

Слични содржини