И тројца пратеници од СДСМ не гласале за предлогот за законите за СЈО на Трајанов

од Vladimir Zorba

Како што може да се види од листингот на гласање, објавен на вебсајтот на Собранието, за предлогот поднесен од пратеникот Павле Трајанов да се прошири дневниот ред со измените за законите за СЈО, не гласале и тројца пратеници од СДСМ.

sobranie-1

Се работи за Милева Ѓоргиева, Миле Андонов и Ален Георгијев, кои според листинзите, не гласале, а биле пријавени како присутни.

Извори од СДСМ за Либертас велат дека тројцата пратеници денеска биле во Собранието, но во моментот кога се гласало не биле присутни во салата, па затоа не гласале и потенцираат дека претходниот пат, пред две недели, тие гласале за законите на СЈО. Тогаш предлогот дојде од СДСМ.

На седницата не бил присутен ниту Енес Ибрахим од ПДТ, коалициски партнер на СДСМ.

Не била присутна ниту Лилјана Поповска од ДОМ, која веќе не е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и изразува јавна поддршка на СЈО.

 Што се однесува до независните пратенички кои беа на листите на СДСМ и коалицијата на изборите во 2014, Роза Топузова Каревска и Солза Грчева гласаа за предлогот, додека Љубица Буралиева не била присутна на седницата.

Од ДУИ на седницата не биле присутни Ермира Мехмети, Али Ахмети, Хазби Лика и Артан Груби, додека Талат Џафери бил присутен, но не гласал.

И од ДПА неколкумина пратеници или не биле присутни, или пак биле, но не гласале. Меѓу нив се и Мендух Тачи и Имер Алиу.

Инаку, за предлогот на Трајанов гласаа 50 пратеници, а 56 пратеници од владејачкото мнозинство беа против.

Ова не е прв пат во Собранието да се предлагаат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци и Предлог-закон за изменување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела, кои ги побара СЈО. Претходниот пат ги поднесе СДСМ, но тие не беа изгласани.

Целосниот листинг можете да го видите на следниот линк.

Слични содржини