12742105_567969566690101_5583747065034878353_n

 

СУДИЈАТА НА ПРЕТХОДНА ПОСТАПКА во ОСНОВНИОТ СУД СКОПЈЕ IСКОПЈЕ, Славица Андреевска постапувајќи по предлогот за определување на мерка притвор на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, НСК-КО.бр.1/15 од 12.02.2016 година, поднесен против обвинетиот M.J. поради постоење на основано сомнение дека сторил кривични дела – Злосторничко здружување од чл.394 ст.1 од КЗ, Поткуп при избори и гласање од чл.162 ст.1 в.в. со чл.23 вв со чл.45 од КЗ и Уништување на изборен материјал од чл.164 ст.2 вв со чл.23 од КЗ, согласно чл.294 ст.1 од ЗКП, на ден 13.02.2016 година, го донесе следното:

 

Р  Е  Ш  Е  Н  И  Е

 

 

Предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациитеза определување мерка притвр против обвинетиот М.Ј. од татко М. мајка Л., роден … во П…, со стан на …., М…., со ЕМБГ …, под НСК-КО.бр.1/15 од 12.02.2016 година, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАН.

 

О б р а з л о ж е н и е

 

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесе до судијата на претходна постапка предлог за определување мерка притвор против обвинетиот M.Ј., под НСК-КО.бр.1/15 од 12.02.2016 година, поради постоење на основите за притвор од чл.165 ст.1 т. 2 од ЗКП. Во прилог достави наредба за спроведување на истражна постапка НСК-КО.бр.1/15 од 12.02.2016 година, прегледи од база за патни исправи и матични броеви, списоци на исселени лица за 2011, 2012 и 2013 година, податоци за издадени лични карти за 2011 и 2014 година, избирачки списоци за 2013 година, избирачки списоци за Кичево за 2013 година, избирачки списоци за општина Центар 2013 година, податоци за издадени лични карти за 2012 и 2013 година, избирачки списоци за Ресен за 2013 година, барања за лични карти од Ресен, 20 записници за сослушување на сведоци и 2 записници за сослушување на обвинети, сите составени во Специјалното обвинителство, од кои произлегуваоснованото сомневање дека обвинетиот ги сторил кривичните делаЗлосторничко здружување од чл.394 ст.1 од КЗ, Поткуп при избори и гласање од чл.162 ст.1 в.в. со чл.23 вв со чл.45 од КЗ и Уништување на изборен материјал од чл.164 ст.2 вв со чл.23 од КЗ.

Во предлогот се наведува дека против осомничениот М.Ј. треба да биде определена мерка притвор согласно чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП. Се појаснува дека осомничениот е поранешен …, а неговото влијание во државата како од финансиски така и од општествен аспект е сеуште огромно, додека пак неговата улога во целокупната криминализација на изборниот процес е со најширок опфат. Се наведува дека тој учествува во сите сфери на делувањето на криминалната група што може да се види и од кривичните дела за кои постои основано сомневање дека ги сторил. Неговите дејствија се движат од изборна корупција, изборна репресија до уништување на изборни материјали. Со самото тоа и фактот што создал огромна мрежа на луѓе на кои може да влијае, особено фактот што уништувањето на докази му се добро познати, присутен е основан страв дека ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичните дела. Ако се има предвид фактот што како поранешен…. задолжил многу луѓе, реално е стравувањето дека може успешно да дејствува во попречување на постапката со влијание врз сведоците или соучесниците. Поради сето наведено се предлага против осомничениот М.Ј. да биде определена мерка притвор поради постоење на причините од член 165 став 1 точка 2 од ЗКП.

Во врска со поднесениот предлог за определување мерка притвор, судијата на претходна постапка ги испита странките во постапката и бранителот, па притоа обвинетиот наведе дека ниту влијаел, ниту влијае, ниту пак планира да влијае на било кои сведоци. Појасни дека воопшто не ја користел позицијата…за било какво дејание спротивно на изборниот закон. Поради наведеното смета дека предлогот за определување мерка притвор не треба да се прифати.

 

Јавниот обвинител наведе дека останува во целост на писмено поднесениот предлог за определување мерка притвор, односно останува на предлогот да биде определена мерка притвор согласно чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП. Појасни дека поради основано сомнение дека од страна на осомничениот повеќе кривични дела во врска со изборите и гласањето, отворена истрага за злосторничко здружување а заради извршување на кривични дела за изборите и гласање каде учеството на осомничениот е во организацијата на групата, како и за две посебни кривични дела за кои се товари дека ги сторил од позиција на … на изборен штаб на кандидатот на градоначалник на општина Ц., В.T. Со оглед на тоа дека во текот на истрагата е потребно да се испитаат поголем број на сведоци  кои користеле гласачко право кои го добиле на незаконит начин, при вакви околности реално е стравувањето дека осомничениот може да влијае на нив на кое нешто упатуваат исказите на досега испитаните сведоци, од каде произлегува дека вршено е влијание на нив за да дадат или да не дадат определен исказ. Присутен е и основан страв дека ќе ги уништи трагите на кривичното дело што впрочем е и едно од дејствијата кое му се става на товар.

 

Бранителот на обвинетиот Никола Додевски изјави дека предлогот за определување мерка притвор е неоснован, исто така и усното образложение од страна на обвинителот на испитувањето е основано. Појаснува дека описот на дејствијата за кои се товари обвинетиот, а за истите е запознаен денес во судот, во детали е експониран во јавноста речиси секојдневно во сите медиуми и е повторуван повеќекратно, што значи дека доколку постоела опасност од уништување или влијание тоа би било веќе сторено во претходниот период од повеќе од една година. Ако се има предвид дека сега обвинетиот M. е веќе испитуван и дал исказ во својство на осомничен во Основното јавно обвинителство Скопје каде му се предочени сите дејствија, упатува на тоа дека е апсурдно тврдењето дека од денес па натаму постои опасност дека тој ќе сокрие, уништи траги или ќе влијае врз сведоци. Ако се има предвид и сознанието дека обвинителството доставило поголем број записници за веќе сослушани сведоци за што странките се известени од страна на судот, неспорно е дека обвинетиот не може да оствари влијание на сведоци кои се веќе сослушани, а непоткрепено е и нереално тврдењето дека постои основан страв дека тој ќе влијае врз некаков неидентификуван број на сведоци кои всушност се веќе сослушани. Не постои никаква поткрепа ниту на тврдењето дека тој ќе уништи траги на кривичните дела што впрочем е и дејствие во едно од кривичните дела, уште помалку има можност да уништи доказен материјал кој веќе е одземен од страна на обвинителството и во моментот на испитувањето се наоѓа во судот. Поради сето преходно наведено, нема сведоци на кои обвинетиот може да влијае ниту пак е логично да се тврди дека такво влијание постои ако се има предвид изминатиот временски период од започнување на предистражната постапка. Произлегува дека предлогот за одредување мерка притвор е политички  монтиран спрема припадник-…., а со цел со притворот тој да биде елиминиран од изборниот процес кој што веќе е извесно дека следува во Р.М. Поради наведеното смета дека предлогот треба да биде одбиен бидејќи во конкретниот случај не постои законски основ за определување на притвор. Во прилог достави фотокопија од 4 записници составени во ОЈО Скопје сите од 31.08.2015 година кои го потврдуваат тврдењето дека се работи за постапка која е започната пред подолг временски период.

 

Во име на одбраната, бранителот Бoро Тасевски наведе дека предлогот за притвор треба да се одбие од причина што истиот се дава со кршење на правата на обвинетиот и одбраната во постапката, според предлогот од обвинителството основано е сомнението за сторени кривични дела кое нешто произлегува од маса приложени докази кои ниту обвинетиот ниту одбраната немале можност да ги видат. Смета дека основнот од т.2 за определување мерка притовр е неоснован, односно таков основ не постои, дека вака поднесениот предлог и основ за притвор е контрадикторен со тврдењето на обвинителството, при што се наметнува прашањето има или нема обезбедено докази или истите треба во иднина да се обезбедат. Ако се има предвид дека постапката против обвинетиот трае веќе подолго време, доколку кај обвинетиот имало желба и мотив за влијание на истрагата или уништување на докази, тоа можело одамна да биде направено на кое нешто упатува позициите на обвинетиот кои ги имал во тоа време. Смета дека предлогот треба да се одбие како неоснован.

 

По испитувањето на странките и бранителот, судијата на претходна постапка најде дека:

Предлогот за определување мерка притвор е неоснован.

 

Имено, во конкретниот случај, судијата на претходна постапка смета декане постои основот за определување мерка притвор предвиден во чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, односно не постои основан страв дека ќе ја попречува постапката со влијание на сведоци ниту пак постои реален страв дека ке ги уништи трагите на кривичните дела за кои се товари и за кои во овој момент постои основано сомневање дека ги сторил. При одлучувањето судот ја имаше предвид околноста дека обвинетиот доколку имал намера да уништи траги и материјални докази во врска со кривичните дела, тоа веќе можел да го стори во изминатиот период, на кое нешто упатува фактот дека обвинетиот бил запознаен со поднесените кривични пријави за што и биле составени записници во основното јавно обвинителство Скопје, а кои на судот му се предадени во фотокопија. Имено записниците се составени на 31.08.2015 година, што значи дека од неговото испитување во ОЈО Скопје се поминати неполни шест месеци, во кои доколку обвинетиот имал намера можел трагите и доказите да ги уништи и во исто време можел и да влијае на сведоците. Во конкретниот случај не постои ниту едно конкретно дејствие кое упатува на постоење на основан страв од влијание на сведоци. Фактот дека  обвинетиот е ….како и тоа дека е поранешен….., во овој момент се само претпоставка за попречување на постапка со влијание на сведоци.

 

Судијата на претходна постапка смета дека во овој момент нема потреба од обезбедување на присуство со определување на мерка притвор, посебно при вакви околности кога од првите дејствија е поминат подолг временски период во кој обвинетиот веќе можел и да влијае на сведоци и да уништи траги и докази во врска со кривичните дела за кои се товари.

 

ОСНОВЕН СУД СКОПЈЕ 1 СКОПЈЕ, II КOK-ПП. бр.42/16-2 од 13.02.2016 година

 

Судија на претходна постапка

Славица Андреевска

 

 

 

 

 

ПОУКА: Против решението од став 1 од изреката, дозволена е жалба во рок од 24 часа по приемот на истото преку судијата на претходна постапка до Советот од чл.25 ст.5 од ЗКП.

 

 

ЖАЛБАТА НЕ ГО ЗАДРЖУВА ИЗВРШУВАЊЕТО НА РЕШЕНИЕТО

 

 

Против решението од ст.2 од изреката, дозволена е жалба во рок од 48 часа по приемот на истото преку судијата на претходна постапка до Советот од чл.25 ст.5 од ЗКП.

 

 

ДН: – на обвинетиот, на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, на бранителите, на КПУ Затвор Скопје.

———————————————————————————————————————————————

jankulovska-685x320

19.02.2016 РЕШЕНИЕ КИОК-КС.бр.15/16
КИОК-КС.бр.15/16

КРИВИЧНИОТ СОВЕТ НА ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА НА ОСНОВНИОТ СУД СКОПЈЕ I СКОПЈЕ, составен од Претседателот на советот судија Љубинка Башеска и членовите на советот судиите Сандра Крстиќ и Јани Нича, со судски соработник Биљана Наумоска, како записничар, постапувајки по жалбaта на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК-Ко бр.1/15 од 16.02.2016 година, против решението на судијата на претходна постапка на овој суд КОК-ПП бр.42/16-1 од 15.02.2016 година, по одржаната јавна седница на 19.02.2016 година, согласно чл.294 ст.1 в.в. чл.169 ст.5 од ЗКП, го донесе следното:

Р Е Ш Е Н И Е

ЖАЛБАТА на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК-Ко бр.1/15 од 16.02.2016 година, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.

РЕШЕНИЕТО на судијата на претходна постапка на овој суд КОК-ПП бр.42/16-1 од 15.02.2016 година, СЕ ПОТВРДУВА.

О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

Постапувајки по предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК-Ко бр.1/15 од 12.02.2016 година, за определување на мерка притвор против осомничената Г. Ј., поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело Злосторничко здружување од чл.394 ст.1 од КЗ и кривично дело Повреда на избирачкото право од чл.159 ст.2 в.в. ст.1 в.в. чл.45 од КЗ, а поради постоење на причините предвидени од чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, судијата на претходна постапка на овој суд донесе решение КОК-ПП бр.42/16-1 од 15.02.2016 година, со кое предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК-Ко бр.1/15 од 12.02.2016 година, го одбил како неоснован.

Незадоволно од ваквото решение, во законски предвидениот рок, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при овој суд достави жалба заведена под НСК-Ко бр.1/15 од 16.02.2016 година, против решението на судијата на претходна постапка на овој суд КОК-ПП бр.42/16-1 од 15.02.2016 година. Во жалбата е наведено дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите спроведува истражна постапка против осомничената Г.Ј. и други, поради постоење на основано сомневање дека сториле кривични дела и тоа дека осомничениот Г.Ј. сторила кривично дело од чл.394 ст.1 од КЗ и кривично дело од чл.159 ст.2 в.в. ст.1 в.в. чл.45 од КЗ, како и тоа дека по оцена на Јавниот обвинител, а заради непречено водење на постапката, против осомниченената во оваа фаза на постапката потребно е да биде определена мерка притвор, поради што до судот и бил доставен предлог за определување на мерка притвор спрема осомниченената, а поради постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП. Постапувајќи по предлогот, судијата на претходна постапка донел решение со кое истиот го одбил. Се наведува дека по наоѓање на обвинителството, судијата на претходна постапка погрешно ја утврдил фактичката состојба по однос на постоење на причините за изрекување на ваквата мерка. Имено, ако судијата на претходна постапка ги анализирал записниците кои му се приложени како околност дека веќе можноста за влијание врз сведоците е измината поради проток на некаков рок од шест месеци, истиот ќе утврдел огромен број на околности дека влијанието на Г.Ј. не може да се потцени ниту спрема обвинителите кои го водат предметот, ниту спрема сведоците. Осомничената Г.Ј. со нејзиниот бранител прв пат се појавила во ОЈО Скопје на 27.08.2015 година, по предметот РО бр.777/15 при што испитувањето започнало во 11,04 часот, на истата предочени и биле сите поуки и прочитана и била содржината на кривичната пријава, при што од страна на јавниот обвинител дадено и било својство на осомничена и покрај фактот што со истото се стекнува определено лице за кои има основи на сомнени или основано сомнение за сторено кривично дело, а видно од записникот разговарано е само за кривичната пријава. Осомничената била испитана и по предметите РО бр.770/15 и РО бр.768/15. Специјалното обвинителство смета дека на вака водени постапки осомничената не може да влијае на сведоци и да ги уништи трагите од причина што ниту е поведена формална кривична постапка, ниту му е предочен некаков опис на дејствија од кои може истиот да извлече заклучок дека треба да влија на сведоци или ги уништи доказите. Се наведува дека наведените предмети се заведени по РО броеви, во којшто уписник се заведуваат најразлични акти или писмена, а не предмети против осомничено лице за конкретно кривично дело. Според обвинителството, не е спорно дека од извршувањето на делата поминал одреден временски период и доколку осомничената сакала можела да изврши влијание врз сведоците и соучесниците или да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите од кривичните дела, истото можела да го стори, но во времето кога осомничената дала исказ не била поведена формална кривична постапка, ниту и бил предочен некаков опис на дејствија од кој истата можела да извлече заклучок дека треба да влијае на сведоци или да ги уништи доказите. Поинаква е ситуацијата на 12.02.2016 година, кога е донесена наредба за спроведување на истражна постапка за конкретни дејствија со конкретни соучесници, сведоци и идеја во која насока ќе оди истрагата, а со тоа осуетување на трагите на истата. На вака поставена истрага и вакви околности обвинителството смета дека постои основан страв дека осомничениот ќе се обиде да ги уништи трагите. Поради наведеното се предлага Кривичниот совет да ја уважи жалбата на обвинителството и решението на судијата на претходна постапка да го преиначи на начин што на осомничената Г.Ј. ќе и определи мерка притвор, поради постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП. Врз основа на чл. 169 ст.5 од ЗКП, Јавниот обвинител од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите побара да биде известен за седницата на советот.

Осомничената Г.Ј. преку нејзините бранители Никола Додевски, Боро Тасевски, Сања Алексиќ, Ружица Николовска, Петар Василев и Лилјана Василева Бундалевска, адвокати од Скопје и адвокат Љупчо К.Наумовски од Охрид, до Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корпција при овој суд доставија одговор на жалба. Во одговорот на жалба е наведено дека жалбата на Специјалното обвинителство е поднесена поради тоа што судот погрешно ја утврдил фактичката состојба поради што донел и погрешна одлука, иако од образложението на решението се гледа дека судот јасно утврдил дека за лицето Г.Ј., не постои основот од чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, посебно укажувајќи на фактот дека согласно чл.159 од КЗ, осомничената немала својство на службено лице, ниту вршела служба во врска со избори или гласање, па согласно тоа и неможела да биде можен извршител на кривичното дело кое и се става на товар. По наоѓање на одбраната, судот сосема точно и целосно ја утврдил фактичката состојба и правилно го применил правото. Поради наведеното се предлага Кривичниот совет жалбата да ја одбие како неоснована, а решението на судијата на претходна постапка да го потврди. Од страна на одбраната побарано е бранителите да бидат известени за седницата на советот.

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при овој суд постапувајки по предлозите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и бранителите на осомничената Г.Ј., Никола Додевски, Боро Тасевски, Сања Алексиќ, Ружица Николовска, Петар Василев и Лилјана Василева Бундалевска, адвокати од Скопје и адвокат Љупчо К.Наумовски од Охрид, содржани во жалбата и одговорот на истата, во смисла на чл.169 ст.5 од ЗКП, одржа јавна седница во присуство на Јавните обвинители од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите – Скопје, Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубески и бранителите на оосомничената Г.Ј., Никола Додевски, Боро Тасевски, Сања Алексиќ, Ружица Николовска, Петар Василев и Лилјана Василева Бундалевска, сите адвокати од Скопје и Љубчо К.Наумовски, адвокат од Охрид. На одржаната седница на советот не беше присутна осомничената Г.Ј. за која од страна на советот констатирано беше дека со оглед на краткиот рок за одлучување по жалбата, советот немаше технички можности истата да биде повикана со покана, туку да биде известена преку нејзините бранители, кои потврдија дека уредно ја известиле, а присутните странки на седницата беа согласни истата да биде одржана без нејзино присуство.

На одржаната седница Јавниот обвинител Гаврил Бубески од Јавно обвинителство за гонење на кривични дела и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, произнесувајки се по наводите во жалбата и одговорот на жалбата наведе дека во целост останува на жалбените наводи дадени претходно во предогот за определување на мерка притвор против осомничената Г.Ј., дека во предлогот и во жалбените наводи детално се наведени досегашните дејствија на Г.J. во насока на застрашување на сведоци од нивните давања искази во ЈО, дека тие докази биле доставени и до судијата на претходна постапка и до советот, затоа му предлага на советот да ги разгледа жалбените наводи, да ги види сите докази и да донесе одлука со која нема да ја попречува правдата.

Јавниот обвинител Фатиме Фетаи од Јавно обвинителство за гонење на кривични дела и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, произнесувајки се по наводите во жалбата и одговорот на жалбата наведе дека на судијата на претходна постапка му бил приложен доказ од кој произлегува опасноста од попречување на кривичната постпка од страна на осомничената, меѓутоа овој доказ судијата на претходна постапка воопшто не се потрудил да го аналзира. Имено, од страна на осомничената е направен обид да се врши влијание врз еден од соучесниците во предметниот настан и тоа не еднаш туку повеќе пати. Конкретно, преку друг осомничен во оваа постапка и преку друго лице на еден од соучесниците било упатено директно барање да друга осомничена во постапката се воздржи од било каков инкриминирачки исказ против осомничената Г.Ј. се до 24-ти април, како датум на кој што би биле одржани избори и на кој што би победила владејачката партија ВМРО-ДПНЕ, при што после тој датум тие лица кои не би биле на страна на осомничната Г…..би се третирале како предавници, во спротивно истите би биле херои. Од страна на осомничената Г.Ј. посредно бил вршен притисок и психичко малтретирање на соучесниците, со директно барање вистината за предметниот настан опишан во наредбата за спроведување истражна постапка да не биде кажано.

Јавниот обвинител Лиле Стефанова од Јавно обвинителство за гонење на кривични дела и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, произнесувајки се по наводите во жалбата и одговорот на жалбата наведе дека истрагата ја води јавниот обвинител и тој цени на кој начин најуспешно ќе може истата да ја заврши, па таквата оценка дека притворот е потребен за успешно водење на постапката ја дал во предлогот за определување на мерка притвор, како и тоа дека јавниот обвинител спроведувал пред истражна постапка во која повикувал сведоци, наведувајќи ги сите со име и презиме, а со појаснување дека адвокат Сања Алексиќ цело време чекала во просториите на СЈО, како и тоа дека сите тие лица дополнително против СЈО, против обвинители во СЈО и против истражителите поднеле кривични пријави, што е начин за делување врз сведоците. Исто така, Г.Ј. додека била м………..направила обид за уништување на трагите на кривичните дела кои и се ставаат на товар, на начин што потпишала одлука за уништување на предмети, со пописна комисија во управните служби во Скопје, а која наредба требало да ја спроведе осомничената Ј.Г., и истата ја спровела. Наведениот доказ се наоѓа во списите на предметот кој што го имал на увид и судијата на претходна постапка. Наведе дека од страна на бранителите доставен е одговор на жалба со наводи дека решението на судијата на претходна постапка е во целост законито, а истиот е даден со цел да се одбрани едно решение кое и одговра и на одбраната и на осомничената.

Бранителот на осомничената Г.Ј., Лилјана Василева Бундалевска, адвокат од Скопје, наведе дека предметната жалба се заснова на основ кој што не е допуштен согласно ЗКП, со оглед дека е поднесена поради погрешно утврдена фактичка состојба, што е предвидено во чл.417 во ЗКП, а се работи за жалба на решение, согласно чл.444 ст.1 од истиот закон, со напомена дека анализирањето на искази и оцена на докази се врши во контрадикторна постапка на главна расправа, па од тие причини сите наводи кои што се поврзани со изнесување на содржина на искази се целосно ирелевантни.

Бранителот Никола Додевски, наведе дека првиот впечаток од читањето на жалбата е дека од СЈО не е цитирана ниту една одредба од ЗКП, која што би ја давало процесно правна основа на жалбените наводи па дури ни за основот погрешно утврдена фактичка сотојба. Во таа насока наведе дека се цитира исказ на соучесник, а во предистражна постапка не може да се даде никому својство на странка во постапка како што тоа го чини СЈО. При тоа како аргумент за затварање некого наведува дека не бара да се притвори лице по име Г.Ј. затоа што била м….. туку истаа да се притвори затоа што е „Организатор и создател на организирна група“, укажувајќи дека за СЈО биле утврдени факти за наводно сведочење на соучесник дека Г.Ј. извршила влијание и направила некаква комуникација во која што се цитираат некои херојски улоги и слично. Преседан кој што би ја загрозил правната сигурност на сите граѓани не само за овој предмет туку и за сите други, судот ќе добива предлози за притвор со некакви изјави кој што подносителот на пријавата претходно разговарал со тие лица и ќе ги нарече сведоци. Исто така, во предистражна постапка нема сведок, не постои статус на сведок, статус на сведок се добива со отварање на кривична постапка укажа дека во списите кои што се однесуваат на Н.В. имало доказ покана во која ќе се види дека во предистражната постапка, од која било видно дека осомничената Н…. е повикана како сведок-лице кое може да даде исказ за осомничено лице, од која причина и луѓето повикуваат баранители кога ги повикуват со покана со измислено својство кое не постои во ЗКП

Бранителот Боро Тасевски, укажа на тенденциозно водење на постапката и тенденциозност во оневозможување на правото на одбрана и гледање на предметот исклучиво од еден обвинителски аспект иако согласно ЗКП обвинителството треба да се грижи за околности докази, сведоци, кои укажуваат и на исправноста на истакнати наводи во одбрана. Наведе дека ова не е нова постапка туку е постапка за која цела јавност знае цела една година, па во оваа смисла и осомничената доколку имала мотив и потреба можела одамна да влијае на сведоци или да уништува докази. Ова особено што членот 11 од Законот за СЈО е јасен и категоричен и посочува дека ова обвинителство предметите од редовното Јавно обвинителство ги превзема во фазата во која истите се наоѓаат. Поради наведеното смета дека основот по кој е побаран притвор не постои и дека судот тоа правилно го прифатил и оценил при донесувањето на нападнатото решение.

Кривичниот совет по извршениот увид во списите на предмет КОК-ПП бр.42/16, најде дека:

Жалбата е неоснована.

Постапувајки по повод жалбата, советот ја ценеше одлуката на судијата на претходна постапка на овој суд со која предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК-Ко бр.1/15 од 12.02.2016 година, за определување на мерка притвор против осомничената Г. Ј., поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело Злосторничко здружување од чл.394 ст.1 од КЗ и кривично дело Повреда на избирачкото право од чл.159 ст.2 в.в. ст.1 в.в. чл.45 од КЗ, а поради постоење на причините предвидени од чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, го одбил како неоснован, и смета дека истата е оправдано донесена.

Советот смета дека во конкретниот случај, судијата на претходна постапка при овој суд правилно постапил кога утврдил дека не постои основот за определување на мерката притвор предвиден во чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, односно не постои оправдан страв дека осомничената Г.Ј. ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело и не постојат особени околности кои укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, поради што и предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите од 12.02.2016 година го одбил како неоснован.

Имено, по наоѓање на Кривичниот совет, судијата на претходна постапка правилно утврдил дека доколку осомничената имала намера да ги уништи трагите и материјалните докази во врска со кривичните дела, истото можела да го стори изминатиот период, бидејки осомничената за предметниот кривично правен настан била запознаена со поднесувањето на кривичните пријави против неа, а за кое нешто е видно од списите на предметот, сочинети биле четири записници на ОЈО Скопје, составени на 27.08.2015 година и на 31.08.2015 година, кога осомничената била испитана во својство на обвинета, а од кои што дати поминат е подолг временски период. Советот цени дека од списите приложени кон предметот КОК-ПП бр.42/16, ништо не укажува дека во конкретниот случај осомничената превземала било какво конкретно дејствие во насока на криење и уништување на трагите од кривичните дела или влијание врз сведоците и соучесниците. За одредувањето на мерката притвор по основот од чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП не е доволно да се истакне само апстрактна можност на влијание врз сведоците или соучесниците, туку е потребно да се наведат конкретни особени околности кои го потврдуваат постоењето на оваа опасност, а такво нешто не е сторено со доставениот предлог на обвинителството, при што во предвид треба да се има и фактот што осомничената повеќе не е м……….., па не постои можност за уништување на трагите и доказите, кои се наоѓаат во министерството. Следствено на изнесеното, советот наоѓа дека неосновано е стравувањето дека осомничената може на било каков начин да ја попречува постапката.

Советот при одлучувањето во предвид ги имаше и жалбените наводи на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, во однос на постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП во конкретниот случај, меѓутоа смета дека истите се неосновани, па во корелација со сето погоре наведено, во смисла на чл.294 ст.1 в.в. чл.169 ст.5 од ЗКП, одлучи како во изреката на ова решение.

ОСНОВЕН СУД СКОПЈЕ I СКОПЈЕ-ОДДЕЛЕНИЕ ЗА ОРГАНИЗИРАН
КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА, КИОК-КС.бр.15/16 од 19.02.2016 година

Записничар, Председател на совет-судија,
Биљана Наумоска Љубинка Башеска

ПОУКА: Против решението не е дозволена жалба

ДН: На осомничената на ул…………..
На Јавното обвинителство за гонење на кривични дела
поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското
следење на комуникациите НСК-Ко бр.1/15 од 12.02.2016 година
На адв. Никола Додевски, Боро Тасевски, Сања Алексиќ, Ружица Николовска,
Петар Василев и Лилјана Василева Бундалевска, сите од Скопје
На адв. Љупчо К.Наумовски од Охрид

 

 

 

Слични содржини