Ирачки специјални единици се вклучија во битката за Мосул и зазедоа важен град

од Vladimir Zorba

1476959245-ir3

Специјални единици на ирачките вооружени сили се вклучија во битката за Мосул, откако ја презедоа контролата врз соседен град, досега контролиран од „Исламска држава” (ИД).

Додека командосите напредуваа, хеликоптери нанесуваа удари врз џихадистите, а пукање од тешко оружје одекнуваше низ регионот, пренесува БТА.

– ИД испратија на самоубиствени мисии  девет автомобили и камиони, натоварени со експлозив. Осум од нив беа уништени пред да дојдат до целите, а една се заби во непробојниот „Хамер“ на владините сили, изјави потполковникот Мунтадар ал Шимари. Тој не го наведе бројот на убиените и повредените, но друг офицер соопшти за шестмина повредени војници.

Специјалните сили влегоа на пладне во Барт, порано место со претежно христијанско население. Според зборовите на генералот Талиб Шагати, заземањето на тој град, на петнасетина километри од периферијата на Мосул, е од големо значење за операцијата.

Засега борбите се фокусираат во гратчињата и селата околу Мосул, од кои повеќето се напуштени, но со многубројни, поставени од исламистите бомби, крај патиштата, што го отежнува движењето на единиците. Се очекува командосите, наречени антитерористички сили, да се пробијат кон Мосул, каде што ќе се сретнат со жестокиот отпор на борците на ИД. Се претпоставува дека оваа кампања ќе трае недели, а можеби и со месеци, наведуваат американските медиуми.

Во соопштението на курдските милиции Пешмерга се вели дека операцијата ќе се одвива на три фронта и ќе биде продолжение на последните територијални придобивки на Курдите, источно од Мосул, и на ирачките, јужно од градот. Деловите на Пешмерга кои беа распоредени во планините североисточно од Мосул, слегоа од позициите и се распоредија спроти фронтот. Со булдожери и друга тешка опрема тие ископаа ровови и напредуваа со оклопните возила по едночасовната минофрлачка стрелба по позициите на ИД во селото Барима, пренесува БТА.

Воени дејствија се водат и во градот Башика, североисточно од Мосул.

Слични содржини