Иронија

од desk3

Иронија

Колумна на Беса Арифи, Вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа

Гледам телевизија и не можам да поверувам. Груевски на Алсат. На емисија која започна да се емитува по повод стогодишнината на денот на албанското знаме и на независноста на Албанија и прерасна во една од најгледаните дебатни емисии за албанската публика. И еве го Груевски, како објаснува дека неприфаќањето и одвратноста кон неговиот лик и неговата партија од страна на Албанците во ова држава била само работа на перцепција. Иста перцепција како и таа дека Македонија била заробена држава, и дека имало прислушувани разговори. Погрешна перцепција за него, во чие време еве и Косово била призната како независна држава. После повеќе од две години тој се уште зборува за перцепции и за сечени лепени монтирани снимки, за жолти комбиња и странски служби. После случувањата на 27 април кое насилство тој го осудувал, тој сепак сака да не увери дека тоа било последица на “противуставниот” избор на Талат Џафери за претседател на Собранието. Испаѓа дека нарушувањето на уставниот поредок на земјата преку упорното блокирање на демократскиот трансфер на власта кое ВМРО-ДПМНЕ го правеше педесетина дена е уставен чин а изборот на Џафери од страна на парламентарното мнозинство е противуставен чин. Сето тоа било само работа на перцепција. Како што е впрочем перцепција и Предлог-законот за јазиците, кој ненадејно стана “противуставен” после 29 јануари./

И еве го, Груевски презентира статистички податоци, за тоа колку многу ВМРО-ДПМНЕ и владата предводена од него лично направиле за Албанците. За колку проценти е порасната вработеноста кај Албанците во градовите во кои живеат, колку субвенции добиле земјоделците во тие региони и колку лица се вработиле во јавната администрација од таму. Уште се пофали со фактот дека Албанците денес имале три универзитети на својот јазик. Уште малку и ќе кажеше дека целиот Охридски рамковен договор, врз основа на кој Албанците добија прво на сразмерно преставување во органите на јавната администрација, била всушност негова идеја, од тоа што копнеел да ги гледа браќата Албанци да бидат рамноправни граѓани на ова држава.

Човек да слуша и да не поверува. Од тие зборови се добива впечаток дека Албанците во Македонија живеат во швајцарски услови и во скандинавски животен стандард. Тоа е точно, и Груевски имал директно влијание на тоа, бидејќи во последниве 11 години Албанците од овој регион навистина живеат во швајцарски услови, некаде во Цирих или Лозана како и имаат скандинавски животен стандард со тоа што се преселиле во Норвешка или Шведска. Тоа е реалноста на иселувањето на повеќе од половина милион граѓани од оваа земја меѓу кои голем дел се Албанци. Да, точно, убаво живеат Албанците и другите граѓани, меѓутоа не во оваа земја, како што тоа се обидува да го прикаже Груевски. Во оваа земја тие живеат во општини во кои животната средина се загадуваше од Југохром или Осломеј кои директно од владата добиваа дозвола противуставно и противправно да загадуваат и да ги трујат граѓаните со години. Албанците во оваа земја живеат во поделени градови како Скопје, кое што повеќе личи на Бејрут или Берлин од пред 1990 година, и каде има јасна разлика помеѓу населбите и очигледна гетоизација. Албанците во тој град живеат во услови во кои секојдневно се среќаваат со инциденти на омраза кои не се гонат ефективно иако за истите постојат законски обврски да се гонат, бидејќи оваа влада за 11 години не виде за потребно да создава политики за справување со омразата преку кривично гонење туку истата ја “менаџираше” преку потполна сегрегација на училиштата и преку понатамошна етничка поделба. И сега, истата политичка структура на чело со самиот Груевски кои создадоа таква реалност, ја “бранат” земјата од федерализацијата која сами ја наметнаа со таа политика на толерирање на омразата и преку јасната поделба на работите на наши и ваши.

Груевски вечерта се жалеше и кажуваше дека е жртва на непријателска пропаганда извршена против него. Го критикуваше дури и новинарот кој го интервјуираше за тоа дека создава погрешна перцепција за него и дека не му дава доволно простор да се изрази, така како што тој е научен, да зборува тоа што тој сака да го пропагира а не да одговра на тоа што го прашуваат. Имало пропаганда против него на која граѓаните Албанци, онака наивно и слепо поверувале. Замислете, човекот во чие време Мирка, Миленко и Латас ширеа јасна нацистичка и фашизоидна пропаганда која може слободно да се спореди со најтешките случаи на медиумско перење на мозоци во современиот свет, се жали на пропаганда извршена против него! Заради пропагандата не го сакале Албанците, не за друго. А тој нив многу ги почитувал.

Толку многу ги почитувал што пред последните парламентарни избори во кампања бараше 63 пратеници за да може да владее безусловно и независно од Албанците. Кога тоа не му успеа и наместо 63 пратеници доби 51, почна да образложи зошто гласовите што ги доби неговата партија се повредни од тие на СДСМ, и како нивната победа била “чиста како солза” оти имала само гласови на Македонци а таа на СДСМ не доволно чиста, бидејќи имала релевантен број гласови на Албанци кои по некоја негова логика помалку вредат од тие на Македонците. Ова го објаснуваше детално во периодот после изборите и јасно предизвикуваше раздор помеѓу граѓаните на оваа земја кои според членот 9 на Уставот се еднакви во своите права. Откако и тоа не му успеа, тогаш му понуди на Заев да направат коалиција во која ќе имале 89 пратеници, 2/3 мнозинство за да ги направат сите потребни реформи, а би ги ставиле албанските партии во ќоше без обврска за прифаќање ниту едно нивно легитимно барање. Ете така ги почитува Албанците Груевски кој вечерта на емисија ги штитеше нивните интереси од “не фер” однесувањето на СДСМ кон нив во врска со Предлог-законот за јазиците.

Груевски се жалеше и за “политичката хајка” против него како и за “монтираните” обвиненија основани на “сечени, лепени, монтирани” снимки. И тој уште и ги разбирал службениците од УБК кои избегаа од државата за да не бидат судени во случаите покренати од СЈО заради тоа што против нив се водела отворена политичка војна и “фрчале обвиненија од секаде”. За него, Договорот од Пржино кој и тој го потпиша, СЈО кое се формираше со закон изгласан од него и од неговата партија, како и сите меѓународни извештаи кои ни укажуваат на значењето на гонењето на криминалот и корупцијата се политичка хајка против него и неговата партија. Човекот, за време на чие владеење повеќе од 2000 лица чувствуваат дека се политичко прогонети, се жали на монтирани случаи и политички хајки против него. Човекот, во чие време со случајот “Монструм” целата албанска етничка заедница во ова држава беше прикажана како терористичка, радикална и криминална зборува за монтирани случаи против него. Прашан од новинарот што мисли за тоа што Јанкуловска ги нарекуваше Албанците во оваа држава “Индијанци”, тој вика дека не знае дали таа така ги нарекувала, но не знае и како ги нарекуваат членовите на СДСМ приватно Албанците. Со тоа тој се обидува и Албанците да ги натера да не веруваат на тоа што го слушнале со свои уши, а да поверуваат на неговите шпекулации за тоа како можеби СДСМ ги нарекува истите. Со други зборови, Албанците некако треба повеќе да веруваат во неговите зборови отколку на своите уши. Тие дури не треба да поверуваат ни на сопствените очи со кои го гледаа осудениот воен злосторник Тарчуловски како ги води насилниците на 27 април кон салата во која тие требаше да го линчуваат Зијадин Села. Груевски не го видел дотичниот тоа да го направи, па затоа сега тој е кандидат за градоначалник на општина Кисела Вода. Што ќе им се на Албанците ушите, очите и паметот кога го имаат Груевски да им каже што всушност се случува и да мисли наместо нив? Колку треба да ги почитуваш Албанците за да ги третираш за толку глупави?

Ако Груевски не верува во прислушуваните материјали во кои Јанкуловска зборува за “племе”, за “Индијанци” и за “шиптарана” и истите ги нарекува “сечени, лепени и монтирани” ме интересира дали верува на официјалните снимки од првата конференција за печат за случајот Монструм во која Јанкуловска рече дека ги нашле “убијците”. Поверува ли во тоа и се замисли ли барем за момент за презумпцијата на невиност, уставно право кое многу лица притворени на спектакуларен начин за време на неговото владеење едноставно го немаа. Политичка хајка имало против него, а случаите во кои многу граѓани на оваа земја биле осудени на доживотен затвор со сомнителни искази на заштитен сведок и со други сомнителни докази биле сосема во ред.

Заради сите овие причини, вчерашното интервју беше очаен обид на обвинет човек да ја избегне правдата преку повторно добивање на политичка моќ врз основа на некакво ирационално однесување на народот кој ќе го “каже своето” на 15 октомври. И сите ние ќе сме виделе што ќе се случи.

Тоа што треба да се случи е тој да се појави на суд и да одговара за обвиненијата против него и конечно да го видиме да одговора за тоа каде не донесе неговото 11 годишно владеење. Време е за правда, време е за одговорност. Не е време за политичка демагогија./НоваТв

 

Слични содржини