Исчезна 47-годишно лице со посебни потреби од селото Саса

од Vladimir Zorba

Четириесет и седум годишен жител со посебни потреби од селото Саса од Македонска Каменица шест дена е исчезнат.

Последен пат Ацо Јовановски е виден на врвот Руен на меѓуграничната средба на планинарите од Македонија и Бугарија.

СВР Штип соопшти дека полициски службеници од Македонска Каменица и од граничната полиција во соработка со месното население и ловното друштво од Македонска Каменица го пребаруваат теренот на Руен.

– Исчезнувањето на Ацо Јовановски е пријавено на 18 јули од страна на неговиот татко кој соопштил дека лицето излегло од дома на 15 јули и оттогаш не се појавило дома. Со цел пронаоѓање на лицето, СВР Штип презема мерки за негово пронаоѓање, а денеска униформирани полициски службеници од ПО од М Каменица и од Граничната полиција во содејство со месното население, вршат претрага на теренот на врвот Руен, бидејќи според информациите последен пат Јовановски е виден на средбата на планинарите на врвот Руен. Доколку, денеска не се влези во трага на лицето, потрагата ќе продолжи и утре, изјави Ѓорѓи Сивевски од СВР Штип.

Роднини на Јовановски велат дека тој има проблеми со говорот и со движењето на едната нога, но досега не се случило да не се врати дома.

– Ацо има проблеми со говорот и со движењето, а во неделата, кога беше средбата на Руен, времето беше лошо, магливо и дождливо, така што се плашиме дека залутал или паднал некаде, бидејќи теренот е лош за него. Досега се нема случено Јовановски да го нема повеќе дена и да исчезне, а скоро секоја година учествува на средбата на планинарите на Руен, вели Дениз Јовановски, внук на Ацо.

Слични содржини