Со кинење и тргање плакати до подобар студентски живот… барем според логиката на претставниците на нелегитимниот Студентски парламент, велат во својата реакција од Студентскиот пленум на Техничките факултети.

11133763_1435314593429861_1577678236844356434_n (1)

Дали сте се запрашале со што се занимаваат студентските парламенти како “легитимни” претставници на студентите? Еве конкретен пример.

Денеска од ФЕИТ на најподол начин беа тргнати транспарентите оставени за време на ‪#‎АвтономнаЗона‬ од страна на претставници на СП (студентски парламент) ФЕИТ/ФИНКИ/МФС/ТМФ. Нивното објаснување во врска со ова е дека истите им било побарано да бидат тргнати од претставници на компании кои ќе бидат дел од саемот за вработување кој ќе се одржува токму во просториите на ФЕИТ/МФС и ТМФ, бидејќи содржеле “политички пораки и не сакале да бидат сликани (случајно) со нив”.

СП ФЕИТ/ФИНКИ/МФС/ТМФ како претставници на Студентскиот парламент уште еднаш со ова го покажаа својот капацитет и (не)легитимитет, кој е еквивалентен со капацитетот и (не)легитимноста на СПУКМ како главно тело по кое се раководат, со тоа што на крајно неетички начин (без нашата и согласноста на самите студенти на кампусот) ја прегазија честа на сите студенти кои заедно се изборија за нов Закон за Високо Образование, а чија борба беше претставена токму во овие транспаренти.

Се прашуваме истовремено, што беше толку неприфатлива пораката “Стоп за лошите реформи во образованието” и сите оние други кои испраќаат пораки за подобро образование? Кому му пречи академскиот крик за подобро образование? Кој е тој работодавец кој се дрзнал да се спротивстави на повикот за подобро образование?

И најпосле, со кое право СП ФЕИТ/ФИНКИ/МФС/ТМФ како дел од Студентскиот парламент одлучија дека битката за подобро високо образование е помалку битна за студентите од нечие мислење? Сакаме истовремено да им порачаме дека никој повеќе не очекува тие да се борат за нашите права, но кога веќе не го прават тоа за кое што се избрани исто така би сакале да не ни попречуваат во нашата работа која е многу посериозна од кинење и тргање на транспаренти, стои во реакцијата.

Слични содржини