download (1)

Полицијата од американската сојузна држава Невада покрена истрага за смртта на легендата на блузот, Би Би Кинг, откако неговите две ќерки изјавија дека нивниот татко не починал од природна смрт, туку дека бил отруен.

Ќерките Карин Вилијамс и Пети Кинг тврдат дека на Би Би Кинг му биле дадени „чудни супстанци“, кои ја предизвикале неговата прерана смрт и за тоа ја обвинуваат неговата менаџерка Лаверн Тони.

Таа ги отфрлува обвинувањата, објаснувајќи дека не е прв пат ќерките да зборуваат лошо за неа, а слично реагираа и адвокатите на Кинг, кои сметаат дека ваквите обвинувања се „без основа“.

Сомнежот дека прославениот блуз пејач и гитарист можеби бил убиен, беше доволна основа американската полиција да отвори и формлна истрага, а испитување за смрта на Кинг да отвори и судијата коронер.

За Си-Ен-Ен тој изјави дека првиот наод од извршената обдукција не покажува присуство на „чудни супстанци“, но дека сега ќе има и детална коронерска истрага.

Би Би Кинг почина спиејќи во својот дом на 14 мај годинава на возраст од безмалку 90 години. Лекарите кои први го прегледале неговото мртво тело, забележиле дека починал како последица на „серија од неколку мали мозочни удари“ предизвикани од неговото долгогодишно боледување од дијабетис.

Неговите ќерки се сомневаат во Тони и во неговиот личен секретар, Мајрон Џонсон, затоа што тие единствени можеле да му ја даваат препишаната медицинска терапија. Лековите што ги примал остарениот блузер биле за да се спречи дијабетичен шок.

Ќерките на Кинг тврдат дека последните недели од животот нивниот татко бил целосно отсечен и ставен под надзор само на Тони и Џонсон.

Би Би Кинг е роден на 16 септември 1925 година. Детството и младоста ги поминал како берач на памук на памуковите полиња во Мисисипи, пред да се сврти кон музиката и гитарата.

Во својот долг живот тој двапати се женел и од тие бракови има 15 родени и усвоени деца. Од нив 11 се уште се живи.

Погребот на џез и блуз легедната Би Би Кинг е предвиден за во петок, во Мисисипи./МИА

Слични содржини