Заменичката на Зоран Заев- Радмила Шекеринска, вчера и денеска е на Конференцијата на Прогресивната алијанса во Ротердам, Холандија.Усвоена е итна резолуција за Република Македонија.

ALIJA

Итна резолуција за Македонија

Прогресивната алијанса на состанокот одржан на 23 мај 2015:

Забележува дека моменталната политичка криза е најдлабоката криза со која Република Македонија се соочува од меѓуетничкиот конфликт во 2001 година. Се работи за продолжение на политичката криза од 2012 година, неуспехот на Мартовскиот договор и тенденцијата за континуирано игнорирање на препораките на Европската комисија, ОБСЕ/ОДИХР и другите меѓународни институции.

Прогресивната алијанса го поддржува пристапувањето на Македонија во ЕУ со цел консолидација на македонската демократија, зајакнување на институциите, унапредување на владеењето на правото и заштитата на фундаменталните права. За да го оствари сето тоа, земјата има потреба од прогресивен политички и економски систем во чијашто срж ќе се најдат граѓаните, промоција на начелата на дијалог и отвореност, но и заштита на основните човекови права.

Неодамнешниот скандал со прислушкувањето и фактите коишто беа обелоденети покренаа бројни наводи за незаконско постапување од страна на властите и нивна вклученост во криминални дејствија како корупција, изборни нерегуларности, контрола врз правосудството, прикривање убиства, итн. И покрај избивањето на скандалот и започнувањето на обелоденувањата, се уште не е потигнат напредок во истрагата и процесуирањето на наводните незаконски постапувања. Континуираната инертност на Владата и правосудството фрла длабока сенка на нивната посветеност на демократските принципи и вредности, ја става во опасност иднината на земјата, нејзиниот мир и стабилност, но има и сериозен потенцијал за дестабилизација на целиот регион.

Со своето масовно присуство на протестот за демократија на 17 мај во Скопје, македонските граѓани го покажаа своето незадоволство од ситуацијата во земјата, но и нивните барања за поголема демократија. Фактот дека на протестот учествуваа граѓани од сите етнички заедници е охрабрувачки знак за зрелоста на македонското општество.

Прогресивната алијанса ги повикува сите политички актери да започнат суштествен политички дијалог кој што ќе ја врати довербата во демократијата и клучните институции преку:

• Преодна влада, поддржана од сите поголеми парламентарни политички партии, со мандат да спроведе конкретни реформи, вклучително оние кои се однесуваат на интегритетот на изборниот систем, слободата на медиумите, независноста на судството, цивилната контрола над работата на полицијата и вооружените сили, слободата на говорот и заштитата на таканаречените свиркачи.

• Правосудните органи и јавното обвинителство мора да спроведат независна истрага и да покренат обвинение за сите претпоставени злоупотреби сторени од страна на владата и претставниците на владејачката партија.

• Сите политички актери и државни институции треба да работат кон смирување на општествените тензии, создавајќи предуслови за остварување на правото на слободно и мирно собирање и/или протестирање од страна на сите политички партии и претставници на граѓанското општество. Многумина беа уапсени по протестите кои започнаа на 5 мај 2015 година. Судските постапки против овие граѓани мора да бидат брзи, соодветни и назависни од било какво партиско влијание.

• И покрај политичката криза, мора да се негуваат добри меѓуетнички односи, при што ќе се препознаваат придобивките од Охридскиот рамковен договор од 2001 година и процесот на пристапување кон ЕУ.

Прогресивната алијанса ги повикува Европската унија и нејзините земји членки да ги поддржат напорите насочени кон враќање на демократските вредности, владеењето на правото, отчетноста и заштитата на човековите слободи и права.

Слични содржини