Иванов ем не ги осуди насилствата, ем заборава и на својата одговорност

од Vladimir Zorba

Иванов: Повикувам на одговорно однесување на сите надлежни институции кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.

Пратениците се најодговорни за враќање на состојбата во согласност со Уставот, законите и Деловникот на Собранието на Република Македонија, кои денеска беа прекршени.

Секој треба да биде одговорен за своите постапки и свесен за последиците кои произлегуваат од нив.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Иванов, Претседател на РМ, по самата своја функција има исклучителна одговорност во својата работа, која опфаќа и обраќања до јавноста во критични моменти и состојби во државата. Оттука, неговите зборови и постапки треба да бидат внимателно одбрани и одмерувани согласно одговорноста што му ја наметнува самата функција.

Во обраќањето, кое е предмет на оваа оценка, има најмалку два проблематични дела кои може да се оценат како недоследни. Првaта недоследност е кога Иванов, откако упати неколку реченици со смирувачки тонови, ги повика сите надлежни институции на одговорност, при што донесе и инстант оценка за тоа кој бил најодговорен за што, кој и каде згрешил:

Повикувам на одговорно однесување на сите надлежни институции кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.Пратениците се најодговорни за враќање на состојбата во согласност со Уставот, законите и Деловникот на Собранието на Република Македонија, кои денеска беа прекршени.

Иванов, иако има право на сопствен став и сопствено мислење, не може да дозволи да дава оценка за тоа кој бил најодговорен за враќање на состојбата со Уставот, законите и Деловникот (на Собранието), кои „денеска беа прекршени“.

Дали Уставот, законите и Деловникот се прекршени, не заклучува Иванов. Тој може да има сопствено мислење за тоа и ако сака веќе да го искаже во таков критичен момент, должен е да ја стави таа нужна ограда. Тоа подразбира дека на крајот од реченицата беше должен да напомене дека по мое мислење Уставот, законите и Деловникот денеска беа прекршени“. Зашто вака, тој уште веднаш во ровита политичка состојба во државата зазема страна, а нема уставно и законско право да носи политички одлуки врз основа на надлежности што не му припаѓаат.

Зашто, за тоа дали се прекршува Уставот во некој сегмент, решава само една институција во државата – Уставниот суд. Дали се прекршени законите и Деловникот, може свое толкување да носи и специјално собраниско тело, но генерално, решаваат сите судови од судската власт – Кривичен, Граѓански, Управен и на крајот Уставен, по своја иницијатива или по поднесена претставка. Ова е така зашто според темелните вредности запишан во Уставот, Македонија е парламентарна демократија со јасно поделени надлежности на три власти – извршна, законодавна и судска.

Оттука, сосема е јасно дека кристално чиста лична оценка на Иванов изнесена пред јавноста како факт, е недоследна изјава во дадениот сегмент.

Втората недоследност е токму во одговорноста. Иванов вели дека „секој треба да биде одговорен за своите постапки и свесен за последиците кои произлегуваат од нив“

Во тоа секој Иванов треба да се вброи и себе си и тоа да го истакне јавно, зашто во спротивно е недоследен. Зашто тој, на неколку пати по вонредните избори на 11. декември 2016 година, по оценка и на повеќето политички партии и по оценка на голем дел од стручната јавност, ги премина своите уставни надлежности околу давањето мандат за избор на нова влада.

Најпрво, кога му го даде мандатот на Никола Груевски, без притоа да провери дали овој има парламентарно мнозинство, на што го упатува член 90 од Уставот, а потоа со условувањата за тие што собраа парламентарно мнозинство, на кои им поставуваше покрај формални барања и политички услови, впуштајќи се неуставно во оценка на нивните политички дејствувања и акти и толкувајќи што ќе се случело со државата.

Но, освен ова, има одговорност и во еден во еден друг сегмент кој неодамна го посочивме како синхроно дејствување со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Иванов константно ја заплашуваше и домашната и меѓународната јавност со тезите за поделба на државата, за загрозеноста на нејзиниот суверенитет и за опасноста од создавање на нова држава на Албанците на Балканот.

И конечно, Иванов како Претседател на РМ, требаше макар со еден збор да ги осуди вчерашните физички насилства врз дел од пратениците во Собранието. Зашто напад врз пратеник е напад врз народот што го избрал. Иванов тоа не го стори, оставајќи простор за сомневање и шпекулации дека можеби лично се согласува со таквите постапки.

Поради погоре наведените аргументи, овие делови од изјавата на Иванов ги оценуваме како недоследни.

Слични содржини