Партиите треба да го бараат решението преку одговорно однесување, а во согласност со Уставот на Република Македонија. Ниту едно решение не смее да го поткопа унитарниот карактер на државата и мора да биде во насока на заштита на државните интереси на Република Македонија.

Се разбира, можно решение за надминување на ситуацијата се и нови предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе се изјаснат и за темите кои се наметнаа во постизборниот период, вели претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во интервју за еден од најпрестижните и најтиражните унгарски весници  „Magyar Hírlap“.

– Лидерот на втората партија според бројот на освоени мандати СДСМ наместо во рок од 10 дена, ме извести по 27 дена дека има обезбедено мнозинство во Собранието со поддршка на сите партии на етничките Албанци. Од него побарав јавно и јасно да ја отфрли и осуди оваа платформа. Го потсетив дека македонските граѓани на изборите гласаа за реформи, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава.

Таквата јавна осуда, за жал, изостана.

Оттаму, како Претседател на Република Македонија, порачав дека нема да определам мандат за секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста, вели Иванов  во интервјуто на прашањето за можен излез од политичката криза во Македонија.

– По објавувањето на Тиранската платформа бевме сведоци на радикална реторика и изјави од високи државни функционери на Албанија и Косово, кои не соодветствуваат со сегашноста и со 21-от век, туку со  реториката од некои минати времиња.

Од овие причини, неколку пати повикав меѓународната заедница јавно да ја осуди Платформата од Тирана, бидејќи оваа платформа ја дестабилизира политичката состојба и ги зголемува меѓуетничките тензии во земјата,  вели Претседателот, посочувајќи дека  мешање во внатрешните работи на Република Македонија е поттик за реализирање на големо-националистички идеи и претставува негативен пример и преседан, не само на Балканот, туку и пошироко.

Иванов во интервјуто се заблагодари на  унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој меѓу првите покрена иницијатива со барање до Советот на ЕУ да  ја отфрли Платформата од Тирана и да се осуди мешањето на странски премиер во внатрешните работи на Македонија.

Со оглед на мултиетничката структура на државите од Балканскиот регион и случувањата од блиското минато, Иванов порача дека неопходно е политичките лидери да внимаваат на реториката, вели Иванов

Претседателот Иванов денеска престојува во работна посета на Унгарија, каде во Будимпешта ќе оствари средби со неговиот унгарски колега Јанош Адер, со премиерот Виктор Орбан и со претседателот на Парламентот Ласло Ковер.

Слични содржини