Иванов: На регионот му е потребно партнерство во безбедноста

од desk2

Вистинскиот збор што му е најпотребен на нашиот регион во полето на безбедноста е партнерство што се постигнува со градење доверба заради веродостојни податоци, заеднички операции и заштита на информацијата, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Скопје на отворањето на состанокот на директорите на Агенциите за разузнавање од земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.

– Иднината на нашиот регион е во Европската Унија, сепак, од некои земји членки на Унијата добиваме мешани пораки за замор од проширувањето. Тој замор, меѓу другото, се должи и на перцепцијата за Балканот како периферија на Европа, како регион што е инхерентно нестабилен. Недостатокот на доверба меѓу нас е совршена шанса за влијание на трети страни врз економскиот просперитет на државите, оживување на етнонационалистички проекти и спречување на интеграцијата во ЕУ и во НАТО. За да ја промениме ваквата перцепција, ние мора наместо реактивни, да бидеме проактивни. Заканите со кои се соочуваме бараат креативност, партнерство и неконвенционално размислување – рече Иванов, соопштија од кабинетот на претседателот.

Според него, како никогаш досега за спречување на меѓународниот тероризам, илегалната миграција, транснационалниот организиран криминал, употребата на интернетот за субверзија, хибридните закани и нелинеарната војна се потребни интероперабилност на податоците, заедничко работење и меѓусебно помагање.

– Да го искористиме овој прв состанок за да пратиме јасна порака до европските центри дека ние, државите од регионот, можеме да соработуваме во оваа област од витално значење за нашите општества и за Европа. Нашите агенции за разузнавање можат заедно да нудат креативни и прагматични решенија за безбедносните предизвици со кои се соочуваме – рече Иванов.

Порача да не се заборави најважната лекција што ја научивме од мигрантската криза според кој, ако најголемата слабост на регионот е поделбата, најголемата сила е соработката.

– Се вели дека еден синџир е онолку цврст колку што е цврста најслабата алка. На континентот Европа, од безбедносен аспект, таа алка е регионот на Балканот. Колку што е цврст Балканот, толку е цврста Европската Унија, толку е цврста Европа – рече претседателот Иванов.

Како што се наведува соопштението, состанокот на директорите на Агенциите за разузнавање на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони се одржува прв пат на иницијатива на Република Македонија и на него се дискутира за безбедносната поврзаност, како сегмент на регионалната соработка. Собирот е во пресрет на состанокот на лидерите на земјите – учеснички од Процесот Брдо-Бриони, што на 27 април ќе се одржи во Скопје.

Слични содржини