Иванов останува на ставот за Законот за јазиците

од Vladimir Zorba

   Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов останува на веќе изнесениот став за Законот за употреба на јазиците и за потпишувањето на указот за негово прогласување, потврдија за МИА од кабинетот на шефот на државата.

Иванов по повторното изгласување на законот на 14 март во обраќање до јавноста кажа дека нема да стави потпис за прогласување на повторно изгласаниот закон, бидејќи тоа не му го дозволуваат совеста и Уставот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери синоќа повторно го повика Иванов да го потпише законот. Џафери смета дека претседателот на државата има уставна одговорност да го потпише законот, кој со мнозинство е донесен од пратениците во второ читање. На прашањето дали ќе се побара импичмент за претседателот доколку постапува спротивно на Уставот, одговори дека во сегашните околности тоа не може да се спроведе бидејќи го нема двотретинското мнозинство  во Собранието потребно за таа процедура. Според Џафери, со законот за јазиците се заокружува правната рамка на Охридскиот рамковен договор, Македонците не губат ништо, а не губи ниту државата во смисла на нејзиниот унитарен карактер.

Претходно и премиерот Зоран Заев кажа дека Иванов треба да стави потпис и да овозможи законот да заживее, а за него да се изјаснат Уставниот суд и Венецијанската комисија. Одбивањето на претседателот Иванов да го потпише указот, Заев смета дека претставува „флагрантно кршење на Уставот и кукавичлук“.

Дел од правните експерти, меѓу кои и поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур Мирјана Лазарова Трајковска и уставниот судија Осман Кадриу, оценуваат дека Иванов согласно Уставот треба да го потпише указот, за да може потоа законот да оди на оценување пред Уставниот суд на РМ. Законот, според нив, треба да стигне пред Уставниот суд и тој да го каже неговото видување не само од аспект на уставноста туку и за квалитетот на одредбите на самиот закон.

Според Уставот на РМ, претседателот на државата е должен да го потпише указот за прогласување на закон ако биде повторно изгласан во Собранието на РМ. Претседателот може да одлучи да не го потпише указот, но само по првото негово изгласување во Парлементот. Членот 75 од Уставот вели дека по првото враќање на законот во Собранието, пратениците повторно го разгледуваат и доколку го усвојат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на државата е должен да го потпише указот.

Собранието на 14 март во тензична атмосфера со 64 гласа „за“, без против и воздржани по втор пат го донесе Законот за употреба на јазиците, без амандманска расправа. За Законот гласаа и 24 пратеници од немнозинските заедници.

Законот, кој првпат беше изгласан на 11 јануари повторно се најде пред пратениците откако претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша и го врати на повторно разгледување во Собранието.

Во меѓувреме за законот се огласија и ЕУ и САД. ЕК очекува Законот да биде испратен до Венецијанската комисија, како што е најавено во „Планот 3-6-9“ на македонската Влада.

Вашингтон, пак, ги повика парламентарните партии од власта и од опозицијата да продолжат со реформите и да преземат одговорност за унапредување на интересите на сите граѓани во земјава.

Слични содржини