Целосно Обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Во овие моменти на општа загриженост околу настаните во Собранието на Република Македонија ве повикувам да бидете смирени.  Ве повикувам да останете присебни и да не подлегнувате на разни провокации, лажни вести и манипулации.

Повикувам на смирување на тензиите и на ненасилство.

Повикувам на разумно и одговорно однесување.

Повикувам на одговорно однесување на сите надлежни институции кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија.

Пратениците се најодговорни за враќање на состојбата во согласност со Уставот, законите и Деловникот на Собранието на Република Македонија, кои денеска беа прекршени.

Секој треба да биде одговорен за своите постапки и свесен за последиците кои произлегуваат од нив.

Оваа состојба може да се надмине само преку почитување на правниот поредок на Република Македонија.

Нема прашање за кое не може да се најде решение преку дијалог, во согласност со Уставот и со законите на Република Македонија.

Затоа, ги повикувам лидерите на парламентарните партии утре да дојдат во мојот Кабинет на лидерска средба за да ја разгледаме новонастанатата состојба.

На лидерска средба да ги разгледаме сите опции за смирување и наоѓање излез од новонастанатата состојба.

Лидерите ја добиле довербата од граѓаните и се најодговорни за наоѓање решенија во согласност со Уставот, законите и Деловникот за работа на Собранието.

Никој друг од надвор нема да ни ги реши проблемите ако самите ние не ги решиме, во согласност со државните интереси на Република Македонија.

Слични содржини