Изборна хроника: Груевски во Бунарџик вети нова инвестиција, 200 нови работни места

од Vladimir Zorba

timthumb-2-6

Нова инвестиција која ќе отвори 200 работни места е договорена. Турска компанија донесе одлука да инвестира и ќе гради фабрика во слободната економска зона Бунарџик во Скопје. Се работи за компанија која произведува електроника за автобуси и за земјоделска механизација, а во Скопје доаѓа како партнер и добавувач на белгискиот производител на автобуси „Ван Хул“.

Ова вчера го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната листа во четвртата изборна единица Никола Груевски, на митингот на коалицијата „За подобра Македонија“ во општина Кисела Вода.

– Ќе почнат со градба на фабриката во 2017, на парцела на 20.000 метри квадартни. Со работа ќе почнат до крајот на 2017, прво со 100 вработувања и инвестиција од 3 милиони евра, а потоа ќе се прошират на 6 милиони евра и ќе вработат вкупно 200 лица, рече Груевски.

Тој потенцира дека оваа инвестиција е по препорака на позитивното искуство на сопственикот на белгискиот „Ван Хул“ и додаде оти е многу значаен ангажманот на Виктор Мизо, кој преговарал со менаџментот на компанијата.

Груевски потсети дека биле најмногу посветени на, како што рече, она што го тишти македонскиот народ: економијата, отворање нови работни места, зголемување на платите, пензиите, социјалната помош, субвенциите…
Коалицијата ВМРО за Македонија одржа митинг во Кочани на кој беше претставена програмата на коалицијата и носителот во третата изборна единица, Стојанче Ангелов.

Осврнувајќи се на програмата во делот на економијата, Ангелов рече дека нивните основните заложби се проблемите на полицијата, бранителите и Армијата да бидат решени во целост. Тој посочи дека по изборите треба да се организира попис за да се види состојбата со населението во државата, а остро се спротивстави на воведувањето двојазичност во државата.

Претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски ги повика членовите на коалицијата ВМРО за Македонија на 11 декември да не се плашат и да излезат да гласаат за тие кои им нудат просперитет во државата.

– Како автентични вмровци сакаме да не води Љубчо Георгиевски се со цел да го вратиме ВМРО на вас и да ја вратиме Македонија на Македонците, затоа што ние знаеме за каква Македонија се бориме, рече Бошковски.

Движењето Беса ја промовираше предизборната програма и кандидатите за пратеници на предизборен собир во Кичево.

Пред насобраните симпатизери и членови, се обрати кандидатот за пратеник од Кичево во петтата изборна единица, Арбен Лабеништи, кој порача дека е време е за промени.

– Ќе дојдат нови сили кои ќе знаат да ги бранат интересите на Албанците. Албанците ќе ја казнат ДУИ со нивниот глас. Ние се наоѓаме на еден крстопат каде што вистинскиот правец е платформата што ја нуди оваа коалиција – рече Лабеништи и порача дека ќе победат не само на овие, туку и на локалните избори кои треба да се одржат следната година напролет.

Слични содржини