Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, до Собранието на Република Македонија, Советот на јавни обвинители и до медиумите го достави извештајот за нејзината работа во првите шест месеци од основањето на Специјалното јавно обвинителство.

katica

Извештајот е поделен на шест глави, во кои се наведени состојбите во СЈО од неговото конституирање, односно човечките ресурси со кои располага, просториите во кои работи, детален финансиски извешај за 2015 и за 2016 година, реализацијата на работниот план, финансискиот и на персоналниот план.

Од основањето на Специјалното јавно обвинителство до 15 март во уписникот НСК-КО (предмети за кои е отворена истражна постапка) запишани се вкупно 30 предмети против 80 лица. Од нив, 29 предмети се заведени во 2015 година против 77 осомничени и еден предмет во 2016 година против три лица.

  • 10 лица се осомничени за повреда на избирачкото право;
  • 37 лица се под сомнеж дека ја злоупотребиле службената положба и овластување;
  • 12 лица се осомничени за повреда на слободата на определување на избирачите;
  • 1 лице е осомничено дека ја повредило тајноста на гласањето;
  • 3 лица се под сомнеж дека злоупотребиле средства за финансирање на изборна кампања;
  • 1 лице е осомничено за злоупотреба на лични податоци;
  • 2 лица се осомничени дека извршиле присилба;
  • 6 лица се под сомневање дека извршиле неовластено прислушкување и тонско снимање;
  • 1 лице е осомничено за шпионажа;
  • 1 лице е под соневање дека извршило насилство спрема претставници на највисоките државни органи;
  • 2 лица се под сомнеж дека ја повредиле рамноправноста на граѓаните;
  • 3 лица се осомничени дека извршиле изборна измама;
  • 1 лице е осомничено за уништување изборен материјал;
  • Покрај за наведените кривични дела, за 10 лица се води и постапка и за злосторничко здружување.

Во уписникот НСК-РО (предмети за кои се води предистражна постапка), за период од шест месеци, според извештајот се запишани вкупно 120 предмети. Од нив 50 во 2015 година и 70 предмети во 2016 година.

Од СЈО во извештајот наведуваат дека предистражните постапки се однесуваат на:

  • незаконското следење на комуникациите, односно прислушкувањето;
  • испитување на изборни нерегуларности;
  • незаконитости во врска со финансирањето на медиумите;
  • разни злоупотреби на постапки за јавни набавки;
  • даночно затајување;
  • перење пари;
  • разни коруптивни дејства и разни злоупотреби на службена положба и овластувања;
  • финансиски истраги;
  • незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи.

Во изминатите шест месеци од основањето на СЈО и почнувањето со ефективна работа имало:

  • 221 записник за испитани лица;
  • 140 барања за собирање потребни податоци, известувања и докази;
  • 29 барања за прибирање известувања потребни за одлучувањее по кривична пријава;
  • 34 барања по разни други основи до физички и до правни лица;
  • 5 наредби за вештачење;
  • 19 предмети за кои се упатени писмени известувања до повеќе физички и правни лица;
  • 1 барање за издавање наредба за претрес и за одземање предмети;
  • 2 предлога за привремено одземање предмети;
  • 3 предмети за кои се издадени наредби за спроведување истражна постапка против вкупно 25 лица;
  • 9 предлози за определување мерка притвор;
  • 1 наредба за спроведување посебна истражна мерка;
  • 10 поднесени жалби на решенија.

Пописот на материјалите што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги достави до СЈО на 30 декември минатата година, односно еден хард-диск и шест кутии со транскрипти во печатена форма, кои по приемот биле сместени во сигурносни сефови што ги исполнуваат безбедносните стандарди за чување на ваков вид материјали, покажал дека во нив има:

  • 546.948 фајлови на екстерниот хард-диск, од кои 540.646 се аудиофајлови и 6.302 фајлови се со различен формат (word, excel, PDF и други);
  •  23 спирално укоричени книги со вкупно 18.155 страници;
  •  119.088 транскрипти од разговори и од СМС-пораки, содржани во книгите;
  •  1.828 листови со испечатен текст кои не биле нумерирани, а кои Комисијата ги нумерирала со бројки од 1 до 1.828;
  • 619 страници содржел записникот од пописот на Комисијата на материјалите.

Пописот го вршела посебна Комисија, што ја формирала специјалната обвинителка, Катица Јанева, обвинители во СЈО, кои со работа почнале на 11 јануари оваа година.

Од буџетот за 2015 година, Јанева потрошила 21 отсто, а останатите, речиси 50 милиони денари, ги вратила во буџетот на Република Македонија.

  • 63.420.428 буџет за 2015 година;
  • 13.542.671 потрошени пари за 2015 години;
  • 49.877.757 непотрошени пари за 2015 година и вратени во буџет на РМ;
  • 1.682.047 плати за вработени;
  • 600.000 за опрема и за машини;
  • 253.682.112 буџет за 2016 година;
  • 8.282.240 досега потрошени пари за 2016 година.

ИНТЕГРАЛНО:Целиот извештај на СЈО и Катица Јанева

Слични содржини