Јана Белчева Андреевска од „Во одбрана на Дебар Маало“ ќе биде носител на листата за советници во Советот на Општина Центар

од Vladimir Zorba

Носител на листата за советници во Советот на Општина Центар ќе биде член на граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“. Ова било договорено вчера на средбата со кандидатот за градоначалник Саша Богдановиќ и претставникот од СДСМ Дамјан Манчевски, кои платформата што  ја испратија од граѓанската иницијатива до сите кандидати за градоначалници, ја прифатиле во целост и се обврзале да биде дел од нивната програма за локалните избори.

„Платформата која води кон поквалитетен живот и која дава план како да се сопре урбанистичкото и еколошкото дивеење, а која што минатата недела ја објавивме како наш услов за поддршка на евентуален кандидат за градоначаник на Центар досега на еден ден пред истекот на рокот за кандидирање ја прифати само СДСМ. Претставниците на СДСМ изразија подготвеност член на граѓанската иницијатива да биде носител на листа за советници за општина Центар како независен кандидат на коалицијата предводена од СДСМ“, велат од граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“.

Од СДСМ го прифатиле предлогот носител на листата да биде Јана Белчева Андреевска како независен кандидат на коалицијата предводена од СДСМ.

Од граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ велат дека  остануваат непартиско здружение отворено за соработка со сите политички субјекти, неформални и формални граѓански здруженија и индивидуалци кои ги споделуваат нивните  вредности искажани во платформата со заедничка цел за „Здравјето пред профитот“.

Во одбрана на Дебар Mаало е граѓанска иницијатива формирана во 2015 од жителите на Центар кои живеат во Дебар маало и околината со единствена заедничка цел – унапредување на квалитетот на животот во малото и градот.

Слични содржини