Снимките кои беа вчера презентирани во јавноста претставуваат монтиран процес на странски служби, кои Зоран Заев ги користи за свои цели, односно неговата цел е да дојде по секоја цена на власт, оцени министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Прашан за коментар за снимките што вчера ги објави лидерот на опозицијата Заев во кои е инволвиран Јанакиески, по доделувањето решенија за легализација на бесправно изградени објекти во општина Кисела Вода, тој рече дека Заев има една единствена цел, да создаде страв кај граѓаните.

– Заев со својот тим не само што сака на нелегитимен начин да дојде на власт, туку и самиот се доведува во дефанзива, служи на странските служби кои прислушкувале во Република Македонија. Срамота е и жално што СДСМ секогаш се става во одбрана на оние што го прекршуваат законот и ова не е првпат, рече Јанакиески.

Во однос на случајот Космос, кој вчера беше презентиран, тој истакна дека целосно е постапувано согласно законот.

– Одговорно тврдам дека целосно е почитуван законот за градење, бидејќи Министерството за траспорт и врски на двапати ја прифати жалбата на инвеститорот и притоа беше издадено одобрението за градење. По утврдување на фактичката состојба од страна на општината Гази Баба за што вчера имаше соопштение беше утврдено дека објектот не е во согласност со проектот и заради тоа беше донесено тоа решение. Потоа беше доставена жалба до Министерството која беше одбиена согласно член 69, став 3 од Законот за градење дека решението на Министерството за транспорт и врски и на општината Гази Баба се во согласност со законот покажува и фактот што комапниајта сама ја повлече жалбата од Управниот суд што ја поднесе, појасни Јанакиески.

Тој посочи дека и инвеститорот имал изјава оти комплексот Космос е дивоградба и оти Министерството исклучиво постапувало согласно Законот за градење./МИА

Слични содржини