Јанева: Ги охрабруваме граѓаните да соработуваат со нас

од desk2

Меѓународниот ден на укажувачите и Денот на слободен говор на Македонија денеска беше одбележан во организација на Коалицијата за заштита на укажувачите во Југоисточна Европа (SECWP) и Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истакна дека Законот за заштита на укажувачите е многу важен за нивната работа и додаде оти треба правилно да биде имплементиран.

– СЈО во континуитет укажува на потребата од имплементација на препораките на Венецијанската комисија во однос на Законот за заштита на приватноста и Законот за заштита на укажувачите заради проблемите во работењето со кои се соочуваме постојано, токму заради недоследностите во наведените законски решенија. И покрај тоа што во континуитет ги охрабруваме граѓаните да соработуваат со нас во постапките кои ги водиме, разбирливо е дека соработката оди тешко заради присутниот страв од можните последици и реперкусии кои овие граѓани би можеле да ги имаат за себе и за своие најблиски, рече Јанева.

СЈО, медиумите, граѓанскиот сектор и одговорните институции, како што рече, имаат обврска да им покажат на укажувачите дека претставуваат една од клучните алатки за борба против сите форми на корупција и различните злоупотреби од страна на високи функционери. Јанева додаде дека тие имаат одговорност на граѓаните да им обезбедат полна доверба во институциите. Посочи дека граѓаните кога ќе се јават како укажувачи мора да се свесни за сопствениот вреден придонес кој го даваат, а е насочен кон остварување повисока цел и мисија која ќе остане врежана во историјата.

Според неа, граѓаните поседуваат храброст да истапат и да помогнат во овој процес, иако се свесни за ризикот кој постои. Апелираше граѓаните да ги пријават злоупотребите и коруптивното однесување.

Марк Ворт од Kоалицијата за заштита на укажувачите во Југоисточна Европа рече дека полицијата и медиумите не можат да бидат насекаде и затоа е важна улогата на т.н свиркачи.

Претседателката на „Транспаренси интернационал Македонија“ Слаѓана Тасева рече дека имаме еден од најдобрите закони за заштита на укажувачите, но недостига само институциите да го применат. Законот стапи во сила на 8 март минатата година./извор а1он

Слични содржини