Јанева: Се надеваме на брза екстрадициска постапка

од desk2

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, се надева дека екстрадициската постапка за обвинетите Горан Грујовски и Никола Бошкоски ќе заврши побргу и дека судењето ќе почне наскоро.

– Информирани сме од МВР дека двете обвинети лица се приведени во Солун. Други информации немаме, а и во понатамошниот дел од постапката ние немаме никаква надлежност. Се надеваме дека екстрадициската постапка ќе заврши што побргу, дека од грчки притвор ќе бидат префрлени во Македонија и дека судењето ќе почне наскоро – изјави Јанева за „Дојче веле“.

Бошкоски и Грујовски вчера на аеродромот „Македонија“ во Солун биле уапсени од грчката полиција, кога со фалсификувани бугарски пасоши се обиделе да заминат од Грција. Тие веќе три месеци се во бегство за да ја избегнат мерката притвор што им беше одредена откако СЈО поднесе обвиненија за предметот „Тврдина и Таргет“, заради незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР, како и за физичко уништување на дел од таа опрема. Бидејќи се приведени во странство, сега правната одбрана мора да ја обезбедат таму.

Во просек, екстрадициската постапка трае од три до шест месеци и зависи со каква брзина Министерството за правда ќе го испрати преведен материјалот од обвинителните акти за кои двајцата се товарат пред Кривичниот суд. Врз основа на тие докази, грчките власти треба да одлучат дали ќе ги екстрадираат приведените.

Слични содржини