Јилдирим повика за поддршка на уставните измени на референдумот во име на силна и стабилна Турција

од desk2

Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим денеска официјално ја почна кампањата на Партијата на правдата и развојот, која има цел да ги убеди граѓаните на референдумот, кој се одржува на 16 април, да гласаат за воведување систем, со кој на претседателот Рџеп Таип Ердоган би му се дале поголеми овластувања, јави Анадолија.

Јилдирим кампањата на партијата ја почна со изјавата пред нејзините приврзаници дека предложениот нов систем ќе изгради силна Турција, способна да ги надмине терористичките закани и да ја зајакне економијата.

– Ги правиме првите чекори на патот кон идната силна Турција, рече тој.

Тој повика за поддршка на уставните реформи, означувајќи го референдумот како „гласање за стабилност“.

Премиерот нагласи дека уставните реформи ќе и дадат на Турција посилна власт, ќе ги остават во историјата превратите и лобирањето, ќе го намалат бројот на бирократијата и ќе го уништат тероризмот.

– Реформата ќе ги пресече артериите кои го хранат тероризмот. Што и да прават терористите, тие ќе исчезнат, рече Јилдирим.

Тој истакна дека доколку уставните реформи бидат одобрени на референдумот, две од измените на Уставот – задржувањето на партиската припадност на претседателот и измените на структурата на Високиот совет на судиите и обвинителите ќе влезат во сила итно, а за останатите измени ќе биде потребно подолго време.

Официјалната кампања на партијата во врска со референдимот ќе трае до 15 април. Партијата денеска ги претстави и главните пароли на кампањата, аудиовизуелните агитациски материјали и промотивните филмови.

Илјадници членови на владејачката партија ги развиорија турските знамиња во спортската сала во Анкара, каде по обраќањето Јилдирим делеше црвени каранфили.

Околу 6.500 полицајци се задолжени за безбедноста внатре и надвор од спортската сала.

Доколку предложените реформи бидат усвоени претседателската функција, која досега беше воглавно церемонијална, ќе добие извршни овластувања, а премиерската функција ќе биде укината.

Иницијативата за промена на парламентарниот систем во претседателски поддржувачите на Ердоган ја гледаат како гаранција за стабилноста, но противниците се загрижени поради тоа што сметаат дека на тој начин власта ќе биде скоцентрирана во рацете на претседателот и ќе се наруши принципот на поделба на власта.

Слични содржини