Каде е проблемот со кирилицата во Вуковар?

од desk3

 

Радио Слободна Европа – Прага

Предизборните изјави на техничкиот министер за внатрешни работи за кирилицата во Вуковар покажаа негово големо непознавање на законите, но потсетија и на фактот дека со непоставувањето на плоча на латиница и кирилица на зградата на локалната управа директно се кршат хрватските закони. Претставниците на српската заедница очекуваат дека по септемвриските избори, која и да победи од двете опции многу работи ќе бидат поинакви.

Плочи на латиница и кирилица во Вуковар има само на зградите на државната администрација и има веќе четири месеци како ниту една не е скршена, додека плоча со две писма нема на зградите на локалната управа, на улиците и плоштадите ниту на влезовите во градот, иако податоците од Пописот на населението од 2011 година покажуваат дека бројот на Србите во Вуковар пораснал и дека ги има повеќе од една третина.

download (5)

Па кога е така, законот обврзува дека во Вуковар се обезбедува рамноправна службена употреба на српскиот јазик и кирилица покрај хрватскиот јазик и латиницата.

А тоа што не се почитува законот, е резултат на хистеричната антикирилична кампања со која ХДЗ дојде на власт во Вуковар, а потоа ја дестабилизираше до неодамнешната власт на левиот центар во целата земја.

Круна требаше да биде референдум со кој поради трагедијата во Вуковар од 1991 година ќе се забранеше употребата на кирилицата во тој град, но Уставниот суд го забрани и нареди на Владата во законот да внесе санкции за тие локални власти кои не ја почитуваат одредбата за двојазичност, потсетува во изјавата за РСЕ претседателот на Српскиот народен совет Милорад Пуповац.
„Владата тоа за жал се уште не го прави, а рокот е истечен. А на Градското собрание нареди заедно со српската заедница да најде договор околу опсегот на примената на законот за двојазичност, што Градското собраине не го направи, туку еднострано донесе одлука со која де факто ја дерогираше одлуката на Уставниот суд и одредбите на Уставниот закон за правата на националните малцинства кои се однесуваат на службена употреба на јазикот и писмото и Законот за службена употреба на јазикот и писмото на националните малцинства”.
Мнозинството на ХДЗ во Градското собрание во Вуковар така во статутот на градот вгради еднаш годишно да се проценува дали е време за почитување на законот и за воведување на двојазичност, а сега е на сила оценката дека не е време. Изјавата на техничкиот министер за внатрешни работи Влахо Орепиќ од Мост дека со чистењето на гласачките пописи ќе исчезне и обврската за двојазичност во Вуковар, покажува тотално непознавање на законите, но и намера за предизборна манипулација.

„Мислам дека се работи за предизборна манипулација на Мост, ХДЗ и Вулин (министер на Владата на Србија оп. а) со цел таа тема од некоја причина пред изборите да дојде во фокусот и тоа веќе трае некое време. Но, ми се чини дека ефектот од тоа сепак не е толкав колку тие кои тоа го правеа се надеваа дека ќе биде”, смета поранешниот социјалдемократски министер на управата Арсен Баук. Тој ги отфрла критиките дека Владата на Милановиќ пропуштила да реагира, потсетувајќи дека поради предизборните и постизборните активности дошло до блокада на работата на Собранието кое единствено може да го измени законот, а на критиките дека била премногу толерантна или дури кокетирала со национализмот, одговара дека за кршењето на двојазичните плочи секогаш се реагирало како што треба, а тоа се обвинителството и судот.

За помалку од месец дена се изборите и Милорад Пуповац очекува дека по изборите многу работи ќе бидат поинакви, независно од тоа која од двете големи опции ќе победи.

„Бидејќи и новиот ХДЗ на чело со Андреја Пленковиќ не е ХДЗ каков што беше, додека на чело беше Томислав Карамарко, кој ја обнови и покрена не само антикириличната, туку и антималцинската камања во Хрватска, а тоа го претвори во средство за дополнително јакнење на национализот и националистичката политика во Хрватска”.

Бидејќи таа политика се менува, може да се очекува дека новата водечка политичка групација, која и да биде, ќе биде многу потрезвена и многу повнимателна кога се работи за примена и остварување на малцинските права, а потота и за прашањето за примена и остварување на правото на службена употреба на кириличното писмо на подрачјето на град Вуковар.

И додека двојазичноста се спроведува во многу општини во Хрватска каде Срби или други малцинства ги има над една третина, во Вуковар таа во најголема мера е суспендирана. Изборите се за помалку од месец дена. 

Слични содржини