Каде исчезнаа саудиските принцови?

од Vladimir Zorba

 

Би-Би-Си – Лондон

Во последните две години исчезнаа три саудиски принцови кои живееле во Европа, сите клучни фигури во власта на Саудиска Арабија, а постои доказ дека сите се киднапирани и пратени назад во својата земја, пишува Би-Би-Си. Од тогаш за нив ништо не се слушнало.

Рано наутро на 12 јуни во 2003 година, саудискиот принц Султан бин Турки бин Абдулазиз дошол во палатата во предградието на Женева, во сопственост на неговиот вујко, покојниот крал Фахда.

Кралскиот омилен син, принцот Абдулазиз бин Фахд го поканил принцот Султан на доручек. Абдулазиз од Султанот побарал да се врати во Саудиска Арабија, каде ќе се реши судирот настанат поради критикувањето на Султанот на саудиското лидерство. Султанот одбил, а Абдулазиз отишол да телефонира.

Вториот човек во просторијата, саудискиот министер за Исламски работи Шеикот Салех ал Шеик си заминал, а потоа двајца маскирани мажи влегле во собата. Тие го претепале Султанот, го врзале и му ставиле инекција во вратот. Несвесен го префрлиле на аеродром, во медицински авион. Ова е Султановата верзија на настанот, како што раскажал на швајцарскиот суд многу години подоцна.

Султанот претходно стигнал во Европа поради лечење, а потоа почнал да ја критикува саудиската влада во интервјуа. Се жалел на корупција и повикал на низа реформи.

Откако кралот Абдулазиз, познат како Ибн Сауд, ја основал Саудиска Арабија во 1932 година, во земјата владее апсолутна монархија. Нема толеранции кон дисидентите.

Принцот Турк бин Бандар бил мајор на саудиската полиција, одговорен за чување на кралското семејство. Поради расправии околу наследството завршил во затвор, а по ослободувањето побегнал во Париз, каде во 2012 година почнал да објавува снимки на „ЈуТјуб”, повикувајќи на реформи во својата земја.

Според истиот рецепт, Саудијците пробале да го убедат Турки да се врати. Заменик министерот за внатрешни работи Ахмед ал Салем го повикал, а принцот го снимил и го објавил разговорот на интернет:

„Сите го очекуваат твоето враќање, Господ да те благослови” – рекол Салем.

„Го исчекуваат моето враќање?” – прашал Турки. „Што е со писмата кои ми ги пративте? – Копиле, ќе те донесеме како Султан бин Тутрки”.
Салем се насмеал. „Нема да ти наштетат. Јас сум твој брат” – вели.

„Тие писма се од тебе” – возвратил Турки.

Тој ги објавувал снимките до јули 2015 година, а потоа исчезнал.

Неговиот пријател Ваел ал Калаф, блогер и активист, вели дека дознал дека Турки го одвеле во пустинското кралство. По долга потрага, открил натпис во марокански весници, во кои пишувало дека Турки се враќа во Франција по посетата на Мароко, каде бил уапсен и притворен и каде му било одредено депортирање.

Не се знае точно што се случило на Турки бин Бандар, но пред да исчезне дал на Ваел копија од својата книга со порака: „Мил Ваеле, овие изјави не треба да ги објавуваш, освен ако ме киднапираат или убијат. Знам дека тоа ќе се случи. Исто така знам дека ги злоставуваат моите и правата на саудиските луѓе”.

Од прилика во исто време, освен Турки исчезнал уште еден саудиски принц, Сауд бин Саиф ал Наср.

Сауд во 2014 година почнал да ја критикува саудиската монархија на „Твитер”. Повикал на кривично гонење на саудиските функционери кои го поддржале симнувањето од власта на египетскиот претседател Мохамед Морси.

Откако анонимниот саудиски принц напишал две писма во кои повикал на симнување на кралот Салман од власта, Сауд е единствен припадник на кралското семејство кое тоа јавно го поддржал. Ова било рамно на предавство и можеби ја запечатило неговата судбина.

Вториот принц-дисидент Калед бин Фархан, кој побегнал во Германија во 2013 година, верувал дека Сауд бил намамен да дојде од Милано во Рим да разговара за работа со руско-италијанска компанија која сакала да отвори филијали во Заливот.

Приватен авион на компанијата дошол по принцот Сауд. Но не слетал во Рим, слетал во Ријад. Се открило дека саудиските разузнавачи ја фабрикувале целата операција. Сега судбината на принцот Сауд е иста како и на принцот Турки, а тоа е затвор. Единствена можна судбина е подземниот затвор – рекол Калед.

Принцот Султан од затвор бил префрлен во домашен притвор. Поради лошото здравје му било дозволено да оди да се лечи во Бостон, каде веднаш поднел тужба до швајцарскиот суд, обвинувајќи го принцот Абдулазиз бин Фаха и шеикот Салех ал Шеик дека го киднапирале во 2003 година. Но, швајцарските власти покажале мал интерес за овој случај.

Во јануари во 2016 година Султан, како Сауд бин Саиф ал Наср, бил намамен да го напушти хотелот во Париз и да оди на лет. Планирал да го посети татко му, исто така познат критичар на саудиската влада, во Каиро. Саудискиот конзулат му понудил приватен млазен авион. Наспроти тоа што се случило во 2003 година, ја прифатил понудата. Двајца од 18 обезбедувачи во авионот дале анонимни изјави за настаните на летот.

Авионот полетал, инструментите покажувале дека лета за Каиро, но по два часа мониторите откажале. Принцот Султан спиел во својата просторија, а се разбудил еден час пред да слетаат. Кога сфатиле дека слетуваат во Саудиска Арабија, Султан почнал да удира со тупаниците во вратата на кокпитот и да бара помош.

Наредено им било да останат на своите места. Надвор чекале многу мажи со пушки кои го опколиле авионот. Војниците го извлекле Султан од авионот, додека довикувал на своите обезбедувачи да се јават на американската амбасада.

Принцот бил однесен во хотел, каде бил држен три дена без пасош и телефон, а потоа му било дозволено да оди каде сака. Пред да замине, саудиски претставник кој бил еден од „стјуардите” на кобниот лет, му се извинил поради „непријатностите”.

Заедно со Султан биле киднапирани 18 странци и биле однесени во Саудиска Арабија, каде биле во притвор. Од тогаш нема вести за принцот Султан.

Во меѓувреме, принцот Калед во егзил во Германија се плаши дека исто така ќе биде принуден да се врати во Ријад.
„Ние бевме четворица од семејството во Европа. Ја критикувавме семејната власт во Саудиска Арабија. Тројца од нас беа киднапирани, останав само јас” – вели тој.

Калед е убеден дека е следниот на листата на киднаперите.

„Долго верувам во тоа. Многу сум внимателен, но тоа е цената на мојата слобода” – рече тој.

Слични содржини