Ќахил пред турски бизнисмени ги престави можностите за инвестирање во Македонија

од desk2

Министерот задолжен за странски инвестиции во Владата на Република Македонија Аднан Ќахил денеска учествуваше на панел дискусијата организирана од страна на Независната асоцијација на индустријалци и бизнисмени (МУСИАД) на која беа поканети претставници од Афјонкарахисар Трговска Комора, од Република Турција, како и лица од бизнис заедницата, соопштија од неговиот кабинет.

На панел дискусијата покрај министерот, се обратиле и претседателот на МУСИАД Балкан, Билал Кара, Бунјамин Кутлу, раководител на трговското претставништво на Република Турција, потпретседателот на Афјонкарахисар Трговска Комора Ахмет Неолдум, како и правниот советник Кирил Папазоски.

Министерот Кахил ги претставил можностите за инвестиции во Република Македонија и посочил дека земјава е центарот на Балканот и оваа географска местоположба ја прави најатрактивно место за инвеститорите кои се заинтересирани за соработка со регионот.

– Македонија е држава од стратешко значење токму поради тоа што се наоѓа во срцето на Балканот. Со промените кои што ги подготвуваме во однос на инвестициската политика, ве уверувам дека компаниите ќе имаат повеќе можности за креирање на успешни бизниси, како и достапност за соработка како со валканските, така и со европските држави, изјавил министерот.

Тој додал дека се работи за подобрување на условите со кои, како што рекол, целиот процес ќе стане подобар, поправеден и потранспарентен, во однос на субвенциите и државната помош.

– Моето искуство покажува дека во минатото министрите задолжени со ова прашање, Агенцијата за странски инвестиции и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони креирале различни инвестициски политики и постоела тотална некоординираност. Се случувало фирми од ист сектор, кои доаѓаат од различни држави, да добиваат различни субвенции. Ако тогаш се ветувало, сега е време за работа. Точно е дека сето искуство е стекнато во минатото, но ние никогаш не живееме во него, рече министерот Ќахил.

Тој по панел дискусијата одговарал на прашања од потенцијалните инвеститори.

Слични содржини