Какво гигантско разочарување

од Vladimir Zorba

Платформата на т.н. албански блок партии за, според нив важните прашања на основа на кои ќе преговараат за влез во владата на Македонија, е големо разочарување! Не знам кој и како ја составувал, кој им помагал, каде ја составувале, но е документ кој објективно му помага само на ДПМНЕ и Груевски и ДУИ и Али Ахмети за обнова на своите урнати позиции, а на Албанците во Македонија не може да им помогне со ништо или близу до ништо.

пишува Љубомир Д. Фрчкоски

frckoski-ifimes

Доколку албанските лидери во „четворката“ инсистираат на неколку „клучни“ точки во Платформата (како онаа за промена на Уставот и Охридскот Рамковен договор) никој, буквално никој, нема да преговара со нив на тие основи, ниту може објективно нешто да им вети. Оттука Платформата би можела да се претвори во камен околу вратот на албанските лидери бидејќи може да води во продлабочување на кризата, а тие како виновници за истата ќе бидат објективно посочени, со исходот дека  нема да може да се создаде влада во Македонија. Или пак, во втора варијанта еднакво губитничка за нив, ќе бидат принудени да отстапат, да се понижат и да прифатат дека некои делови од Платформата се неупотребливи и нерешливи. Да се откажат преќутно од нив и така да состават влада. Тоа е исто лошо политички за нив како и за нивните гласачи кои не мислам дека за таква платформа ги подржале на изборите.  Значи, од тој аспект Платформата за нив е меч со две острици од кои онаа која може да ги „засече“ е поверојатната.

Не можам, а да не кажам дека сум разочарам од ова бидејќи сите ги гледавме Албанците можеби за прв пат како фактор на „граѓански пресврт“ во деновите и месеци на кризата и на самото гласање на изборите. Со овој развој на настаните Албанците од своите лидери се повторно заглавени како можен фактор или причина за нов бран на криза во Македонија со „паразитирање врз албанштината“ или една стара етно-националистичка агенда која создаде разбирливо скандализирање.

Она што е меѓутоа најжалосно со појавата на оваа Платформа, она што не може да не се нарече неверојатна кратковидост на нејзините составувачи (и неверојатно „лукавство“ на губникот на изборите Али Ахмети) е структурата на прашањата и темите кои се отворени во Платформата. Имено, Платформата како основа е поставена на мултиетничките прашања и „албанштината“ како да е тоа основа на кризата од која излегуваме и се обидуваме да ја решиме? Ја превртува лукаво и безобѕирно темата на кризата во мултиетничка (Албанците пак нешто бараат, а Македонците им даваат или не им даваат???). Таа расправа за и околу Платформата сега ќе ја предоминира политичката сцена сето ова време и потполно ја суспендира вистинската основата на кризата:  а која е, да потсетиме, диктатурата и нивната узурпација на човековите права и власта, огромната кражба на народните пари и партизација на се и сешто со што државата се претвара во мафијашка инсталација.

Таа квази-расправа и поделбите кои ќе ги испровоцира се заканува да  ја урне алијансата на граѓански сили, Македонци и Албанци и сите други кои се собраа околу граѓанското движење против диктатурата и против нејзините актери ДПМНЕ и ДУИ!

Слични содржини