Караџовски ги игнорирал приговорите за рачно местење предмети кај подобни судии

од desk2

Судијка од Основниот суд Скопје 1 на 14 jуни годинава со писмен приговор го известила и му укажала на претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски дека се прават злоупотреби и се местат судски предмети преку електонскиот систем за распределба на судски предмети (АКМИС), кој што сам, без човечко влијание, требаше да ги распоредува предметите по случаен избор. Во приговорот, до кој што дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, судијката обвинува дека по наредба на претседателот на судот била исклучена од АКМИС-от и не добивала предмети, за разлика од нејзините колешки, кои добивале по двоцифрен број предмети.

Караџовски, пак, за САКАМДАКАЖАМ.МК негира дека до него и воопшто во Судскиот совет, судии поднесувале приговори за злоупотреби со електронскиот систем за распределба и оти тој не реагирал.

„Двапати пребарав во архивата и пак ќе проверам, но приговори од судии за АКМИС системот во Судскиот совет нема. Не е точно дека сум примил приговор од колега и не сум презел ништо. Сите муабети дека наводно системот за објективна распределба на предметите во судовите овде во Судскиот совет биле на ниво на озборуваање од некои судии“, тврди Караџовски.

Факсимил од писмениот приговор до Судскиот совет испратен од судијка во Основниот суд Скопје 1 на 14 јуни годинава.

Во 2014 година, и судијата Владимир Туфегџиќ од Основниот суд Скопје 1, писмено го известил Судскиот совет дека има злоупотреби со доделувањето на предметите во судот.

„На ова укажував уште во 2014 година, кога од страна на тогашниот претседател Панчевски ми беа земени предметите што ми беа дадени во работа и не ми беа доделувани предмети согласно законот, во одделот каде што бев распореден. Тоа претставуваше класичен мобинг и попречување на напредување и кариера. За ова од моја страна тогаш беше писмено известен Судскиот совет, но ништо не беше преземено во таа смисла. За последното оценување го известив Судскиот совет дека сум оштетен без своја вина, токму поради недоволен фонд на предмети во работа со што сум оневозможен да ја исполнам утврдената ориентациона норма, но и овој пат Судскиот совет не презеде ништо“, обвинува судијата Туфегџиќ.

Тој дури смета и дека ако се утврдат неправилности и злоупотреби на АКМИС системот, тогаш се доведува во прашање валидноста на оценувањето на судиите во изминатиот период и бара огласот за избор на претседатели на судови, меѓу кој е и огласот за избор на претседател на Кривичниот суд, треба или да се стави во мирување додека трае контролата на АКМИС системот, или да се поништи.

НЕКА ПРОВЕРАТ, ПРЕД МЕНЕ РАЧНО ГИ МЕСТЕЛЕ СУДСКИТЕ ПРЕДМЕТИ, ОДГОВОРИ ВАНГЕЛОВСКИ НА ОБВИНУВАЊАТА НА МИНИСТЕРОТ САЉИЈИ
ЕКСПЕРТИ ОД САД ЌЕ ИСПИТУВААТ ЗЛОУПОТРЕБИ НА ЕЛЕКТРОНСКАТА РАСПРЕДЕЛБА НА СУДСКИТЕ ПРЕДМЕТИ
НА НЕКОЛКУ СУДИИ ТРЕБА ДА ИМ СЕ ЗАБРАНИ ДА РАБОТАТ ВО ПРАВОСУДСТВО, ПРЕПОРАЧА ПРИБЕ
ПАНЧЕВСКИ ПРИЗНАВА ДЕКА ГО МЕНУВАЛ РАСПОРЕДОТ И ЗА СУДИЈКАТА НА ГРУЕВСКИ, ПОРАДИ МНОГУ РАБОТА
Спротивно на тврдењето на Караџовски, Туфегџиќ вели дека во изминатиот период и други судии укажувале за недоследности во примена на АКМИС системот, но за жал никој од надлежните не презел акција.

„Поништувањето на огласот за избор на претседател на Кривичен суд е неопходно од причина што можеби меѓу пријавените кандидати има судии кои се неосновано фаворизирани, но и такви кои се оштетени со намалување на бодовното салдо, кое е пресудно за избор на претседател на суд“, вели Туфегџиќ.

Меѓу осумтемина кандидати има неподобни судии, кои со АКМИС системот добивале месечно само пет-шест предмети. Но, има и такви подобни судии, кои со распоредот на бившите претседатели Татјана Михајлова и Владимир Панчевски, како и в.д. претседателот на Кривичниот суд Стојанче Рибарев, беа поставени на места кај што се паѓаат предметите на СЈО и кои добивале по 26 предмети во месецот. Тие се сега еднакви, ако не и поконкурентни според бодовите, од судиите кои беа прераспоредувани од Михајлова, Панчевски и Рибарев, објаснува Туфегџиќ, кој нема конкурирано, зашто тргнат да суди предмети по стар закон, не можел да стигне бодови и оценки како фаворизираните колеги блиски до Михајлова, Панчевски и Рибарев.

Слични содржини