Карл Билт: Итно забрзување на евроинтегративниот процес на Балканот

од Vladimir Zorba

 

Европските лидери имаат јасен избор на Балканот – или ќе се занимаваат со тамошните проблеми или балканските проблеми „ќе се занимаваат со нив“, истакна некогашниот висок претставник на Европската унија во Босна и Херцеговина Карл Билт. 

Тој, во неговиот авторски текст за „Проџект Синдикат“, предлага да се забрза процесот за проширување на ЕУ и приемот на новите членки, и програмата за „источното партнерство“ на ЕУ да се замени со „балканско партнерство“ што на крајот ќе доведе до пристапување на земјите од тој регион во Унијата.

Билт наведува оти е свесен дека за тоа е потребно време, истакнувајќи дека мора да се почне да се работи веднаш.

За почеток, тој нагласува, дека ЕУ може да почне со посредување во решавањето на преостанатите мали прашања на меѓудржавните граници.

– Истовремено со забрзувањето на процесот на европските интеграции, со цел да се решат сите опасни ризици за конфликти на Балканот, ЕУ треба да демонстрира дека поседува и волја и методи така што во регионот ќе испрати нејзини воени трупи да изведуваат воени вежби. Тоа би испратило моќна порака дека нејзините воени сили не се „тигар од хартија“, туку дека, освен зборови, има уште потенцијал што може да го употреби, наведе Билт.

Тој објасни дека неговата загриженост за Балканот започнала кога при минатогодишната приватна посета на Босна и Херцеговина неколкупати бил прашан дали повторно ќе има војна.

Билт потенцираше дека војни, како оние што се случија пред 27 години на Балканот, нема да се повторат.

– Ситуцијата денес е многу поразлична од тогаш. Но, повеќепати во историјата видовме како поединец може да подметне пожар што тешко се гасне. Некогаш оддамна во Сараево Гаврило Принцип започна светска војна кога го уби надвојводата Франц Фердинанд. Полека, но сигурно денес регионот станува запалив, а овојпат искра може да го запали Скопје, предупреди Блит.

Тој наведе и дека лидерите на ЕУ се разбудиле со новата реалност на Балканот.

На Самитот што беше одржан кон почетокот на месецов, лидерите на ЕУ ја истакнаа потребата за зголемување на ангажманите на Унијата на Балканот, но и потребата да ја потиснат Русија од тој регион.

Билт додаде дека од пропаѓањето на Османлиското Царство, Балканот е извор на нестабилност.

– Мешовит во верска, национална, културна смисла, концептот на создавањето на националните држави доведе до постојана нестабилност во која војните и тешките злосторства не се реткост. Настанувањето на седум нови, често меѓусебно антагонистички држави, јасно даде до знаење дека стабилноста на регионот ќе зависи од новата рамка. Овој пат таа се нарекува ЕУ. Благодарение на личното искуство за смирување и решавање на долгогодишни национални судири во други делови на Европа, Унијата доби задача да го поврзе Балканот и да ги сузбие националните судири, потенцираше Билт.

Тој потсети дека на Самитот во Солун во 2003 година е дадено ветување за пристапување на сите балкански земји во ЕУ, истакнувајќи дека колку што било важно да се даде такво ветување, толку е и тешко тоа да се одржи.

– Штом балканските проблеми се смирија, лидерите на Унијата претпоставија дека обезбедиле мир, Нивното рутинско пристапување кон Балканот во суштина доведе само до зачувување на статус кво. Откако Жан-Клон Јункер во 2014 година беше избран за претседател на Европската комисија, даде изјава дека за време на неговиот мандат нема да има нови проширувања, наведе Билт.

– Статус кво е потврден. Неговата изјава технички беше целосно исправна. Но политички беше катастрофална. Како што светлото што мотивираше и носеше реформи, се изгаси, национализмот, како што се очекуваше, почна да расте. ЕУ во меѓувреме, стана фиксирана на нејзините проблеми, како што се финансиската и должничката криза на државите членки на Унијата, пишува Билт.

Наведувајќи ги сопствените искуства од функциите кои ги имал во врска со балканските држави, авторот истакнува дека „единствениот пат напред е во тоа Европа да ја покажа нејзината моќ“.

Слични содржини