„Евентуалната одлука на Апелацискиот суд дека снимките не можат да бидат користени како доказен материјал, нема да влијае на мојата работа. Јас можам да постапувам по допрен глас и секој збор во тие ‘бомби’ ќе биде предмет на анализа“, вели   за Prizma  специјалната обвинителка Катица Јанева.катица

По 2 ноември, ќе побара јавните обвинителства да ѝ достават статистички податоци за тоа кои предмети се во работа, во која фаза се и за тоа да ја известат во рок од 8 дена. Седиме на локација по нејзин избор. Дојдена е со обезбедување, кое јас не го забележувам. „Во близина е“, вели специјалната обвинителка Катица Јанева со интригантна насмевка.Првиот впечаток е дека спроти мене седи непосредна и пријатна личност и дека уште на почетокот во нејзиниот речник доминира еден збор – „тим“. Тој е присутен во секоја реченица: и кога зборува за плановите, и кога се надева дека тој ќе биде избран во копмплетен состав, и кога објаснува според кои критериуми го избрала.„Тоа беа искуството во работата, возраста, а приоритет беше даден на обвинители кои ја завршиле Академијата за судии и обвинители. Повеќето од моите колеги во тимот се помлади, а еден дел се повозрасни и поискусни. Сметав дека треба да се направи баланс на искуството и младоста.“

Не сум се сретнала со Мијалков

Веќе еден месец работи во привремени канцеларии во Министерството за правда и му е благодарна на министерот што ѝовозможил непречено да ја извршува функцијата. Од понеделник ќе го депонира потписот и ќе почне да го екипира нејзиниот кабинет.„Со стратегискиот план е предвидено секој обвинител да си го избира својот тим – двајца стручни соработници и двајца истражители. Истото важи и за мене. Веќе имам една соработничка од Министерството за правда. Атанас Гинев од Кавадарци ќе биде главен истражител и тој ќе си го избере својот заменик. Од МВР ќе барам да потпишеме меморандум за соработка, за да може да биде преземен од таму.“ . Се надевам дека дотогаш со основни услови ќе се опреми седиштето на обвинителство, во зградата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, и ќе почнеме со прием на предмети и од страна на други подносители на кривични пријави. Го велам ова, затоа што во мојата канцеларија доаѓаат многу луѓе и поднесуваат пријави, на кои ние треба да им дадеме правен тек.“Некои од нив се поврзани со законскиот делокруг на работа, некои не, но вели дека нема да одбие да ги прими, а потоа ќе ги препрати во соодветните институции кои треба да постапуваат по нив. Потврдува дека се точни информациите оти одредени лица се подготвени да бидат соработници на правдата, т.н. заштитени сведоци, за содржините што произлегуваат од следењето на комуникациите.„Да, точно е, но во овој момент не можам да зборувам за тоа, бидејќи прво треба да ги примиме сите пријави, предмети, да видиме во која фаза се, и кои сѐ лица би соработувале со правдата.“Од нејзиниот избор до денес, тврди дека немала никакви притисоци, интервенции, „пријателски поздрави“ или „случајни средби“, како наводната со Сашо Мијалков, за која пишуваа медиумите.„Ноќното излегување не е типично за мене. Кој ме познава ќе го потврди тоа. Можете да ме најде во 5 часот наутро како работам или да ме сретнете да пешачам, но никогаш нема да ме видите по полноќ во угостителски објекти. Не го познавам Мијалков и не е точно дека сум се сретнала со него.“

Речиси никој не верува во приказната дека сама се предложила за функцијата, но таа категорично го тврди тоа.„Изгледа неверојатно, знам дека не веруваат, но вистината е таа: сама се предложив! Активно ги следев преговорите во Пржино, во чии рамки беше предвидено формирање на специјално обвинителство. Децата беа на одмор, кога се вратија ги консултирав за идејата да се самопредложам. Барав да го погледнат си-вито што го подготвив. Го испратив преку познајници, кои можеа да го достават до лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Добив одговор дека го доставиле. И толку. Молк. Сѐ до понеделникот навечер (14 септември), кога околу 20 часот ми се јави непознато лице од непознат број и ми рече дека сум влезена во најтесен избор за функцијата, со барање ако сум во Гевгелија, да дојдам вечерта во Скопје. Дојдов и бев будна до 5 часот. Во 8 часот ме разбуди колешка со СМС-честитка за изборот, кој веќе бил објавен во медиумите. Јас во исто време со целата јавност ја примив веста за мојот избор. Тоа е вистината.“Сега кога таа епизода е завршена, посветена е на следите фази – обука за големи антикорупциски случаи. ОБСЕ, амбасадите на САД и ЕУ испратиле предлози за експертска помош во овие области. Идната недела треба да реши каков вид експерти би повикале за да пружат соодветна помош.Досега ги слушнала сите „бомби“. Но, во целиот овој интензивен период, дел од впечатоците избледеле.„Сама ги трасирам сите работи. Не ми е лесно. Да го комплетирам тимот, да седнам на мојот стол и потоа ќе ги слушам снимките одново и многу внимателно.“

повеќе тука

Слични содржини