Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и премиерот Никола Груевски, вчера во своите обраќања по повод 2 Август – Денот на Републиката, меѓу другото најавија и „реформи“ и „зајакнувања“ во безбедносните и во одбранбените служби.

gruevski-i-ivanov

Претседателот и врховен командант, осврнувајќи се на случувањата во Куманово од 9 мај и на мигрантската криза, истакна дека овие околности ја наметнале потребата од реформи во одбраната и во безбедноста.

– Како што Куманово нè потсети дека мора да го чуваме соживотот, така, мигрантите нè потсетија дека живееме на коридор. Затоа, како претседател и како врховен командант, вклучен сум во иницирањето реформи на службите од областа на безбедноста и на одбраната. Неопходна е и дополнителна соработка меѓу овие важни институции, како и поголема транспарентност и цивилна контрола низ Собранието – рече Иванов.

Премиерот Груевски, говорејќи во истиот контекст, но со поинаква терминологија, рече дека треба да се работи на „зајакнување на нашите одбранбени и безбедносни сили“.

– Ако некој мисли дека оваа мигрантска криза е некаков бран кој ќе помине набргу, се лаже. Ова е само почеток на еден вид нова голема преселба на народите, која допрва ќе добие замав. Засега добро се справуваме, но предизвиците ќе се зголемуваат. Ќе бидат потребни дополнителни напори, мерки и политики. Заканите од тероризмот демнат над нас, како и над цела Европа. Радикалните групации отворено се закануваат, а повремено и дејствуваат. Мораме да ги зајакнеме нашите капацитети во справувањето со нив и мораме да се справуваме со нив. Неодамнешните настани во Куманово и повремените фрлања бомби или гранати, се само потсетник дека ваквиот вид закани не е само некаде далеку од нас, во Франција или во Белгија, во Норвешка или во Америка, во Ирак или во Сирија. Тие може да дојдат и во нашата улица, пред нашиот влез на зграда или куќа и да ги загрозат нашите животи и животите на нашите блиски. Не смееме да останеме пасивни на овие движења и мораме колку што е можно превентивно и активно да дејствуваме. Во тој правец треба да работиме на зајакнување на нашите одбранбени и безбедносни сили, бидејќи кога доаѓаат заканите, тие се на браникот на одбраната – рече Груевски.

 

МЕТА

Слични содржини