На само три дена пред рокот за самораспуштање на пратениците, еден од условите за одржување на кредибилни избори повеќе наликува на многу посакувана, отколку на реално остварлива желба. Иако од Државната изборна комисија информираат дека теренските проверки се во завршна фаза и се работи на внес на податоците во електронската апликација, се уште нејасно е дали метлата конечно ќе проработи во Избирачкиот список. Тоа на што најверојатно ќе   бидеме сведоци е префрлање на вината од една институција на друга, без реална можност за квалитативно подобрување на списокот.

dik

Како што информираа од Државната изборна комисија, доставени се барања до надлежните институции за дополнителна административна проверка на податоците. Со барање од 22 март, ДИК од Министерството за внатрешни работи побарала проверка на 71.793 неконзистентни записи во избирачкиот список, кои при вкрстените проверки освен во базата на МВР не се појавуваат во ниту една друга база. Како што стои во дописот од 31 март, на Министерството ќе му биде потребно дополнително време за доставување на одговорот, заради вршење на непосреден увид во поединечните барања за издавање на лични документи. Рокот во кој ќе се завршат проверките не е наведен.

12968712_10209031086485160_1327366470_n

Доколку МВР, по извршените проверки, до ДИК достави листа на неконзистентни записи за кои е потребно да се направи дополнителна теренска проверка за да се утврди нивната  веродостојност, што е очекувано, рокот за прочистување на списокот ќе мора да се растегне.

Дополнително, ДИК се уште не е мрдната од мртва точка за проверка на околу 124.000 гласачи, кои се појавија како неконзистентни по прашањето број 16 од извештајот за вкрстена проверка на податоците. Ова се, како што наведоа од комисијата, гласачи за кои постои сомневање дека се на привремена работа или престој надвор од државата, а за кои мнозинството изгласа дека не треба да бидат предмет на теренската проверка. Од комисијата досега не појаснија на кој начин и дали ќе се проверуваат овие гласачи и каков ќе биде нивниот статус во Избирачкиот список.

Експертите, пак предупредуваат на неможноста да се избришат записите за кои ќе се констатира дека не треба да бидат во Избирачкиот список, поради долгите административни проверки и неконзистентност во законите. Од граѓанската асоцијација МОСТ деновиве излегоа со анализа во која се наведува дека за бришење на запис од Избирачкиот список ќе бидат потребни најмалку 20 дена. Доколку гласачот поднесе жалба на ваквото решение, постапката може да трае и до година дена.

Сето ова имплицира  дека прочистен Избирачки список, барем за сега, ќе остане само пуста желба. За да се случат избори на 5 јуни, како што беше договорено помеѓу четирите најголеми политички партии, Собранието на Република Македонија треба да престане со работа на 7 април. Оттогаш почнуваат да течат роковите согласно кои изборите треба да се организираат.

 

 

Слични содржини